Опозицијата бара промени во РТС, Вучиќ вели дека таа е независна

31

Претставниците на новинарските здруженија на вчерашното трето продолжение на политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата предупредија на нерамноправниот третман на медиумите во Србија. Претставникот на НУНС, Драган Јањиќ, потсети на порастот на вербални закани кон новинарите. Стеван Ристиќ од Асоцијацијата на медиуми во Србија се осврна на нерамномерните услови за финансирање и на непочитување на постојните прописи. Стојан Марковиќ, како претставник на локалните медиуми, говореше за енормниот економски и политички притисок што го трпат неговите колеги, а тоа се манифестира и преку поднесување различни тужби против новинарите пред секои избори.

На вчерашната тркалезна маса меѓу владејачките и опозициските партии во Србија беше споменато и „купувањето“ на локалните медиуми за во нивните емисии да преовладуваат партиските содржини и за злоупотребата што се спроведува преку финансирањето различни проекти.

Од опозицискиот блок, кој дејствува под името Сојуз за Србија, најавија дека на организаторите на третата тркалезна маса ќе им предложат партиите да потпишат обврзувачки документ, со кој до 15 септември ќе се направат промени во Радио-телевизија Србија и во Регулаторното тело за електронски медиуми, преку законска собраниска процедура.

– Доколку власта го прифати ова, тогаш има смисла да се продолжат разговорите и да се договараат за преостанатите услови за слободни избори – пишува во соопштението на СзС, кое беше испратено во неделата.
Од овој блок нагласија дека мора да дојде до директни преговори со власта, што ќе резултира со обврзувачки и заеднички документ, кој ќе го потпишат сите политички партии. Во спротивно, најавите за бојкот на преговорите и на претстојните парламентарни избори се сосема извесни, велат од СзС.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, повтори дека ќе ги исполни сите барања на опозицијата за изборните услови. Но за барањата што се однесуваат за промените во РЕМ и РТС, српскиот претседател рече дека опозицијата сака да се меша во работата на независните институции.

– Опозицијата сака да се меша кој да биде на чело на РТС. Тоа би го направил одамна ако можев – одговори Вучиќ, кој во неделата присуствуваше на отворање нов автопат во Србија.