Онлајн наставата нов предизвик за балканските хакери!

37

ХРВАТСКА

Актуелната корона-криза дополнително им годи на злонамерните хакери од Балканот, затоа што и така се затворени во просториите и им доаѓаат секакви идеи во недостиг од други активности, кои не би ги правеле доколку не се појавеше епидемијата. Поради коронавирусот, училишната настава е префрлена во онлајн сферата, па затоа многу млади хакери можат да се насочат во пробивање на образовниот систем. Доколку корона-кризата потрае, може да има повеќе случаи на хакирање на сајтовите на училиштата, а мотивите, покрај стекнување некаква материјална корист, може да бидат и едноставно бришење на оценките, пишува „Ал џезира“.

– Според моите сознанија и искуство, најсилните хакери доаѓаат од Балканот. Можеби поранешниот социјализам и некакво полесно темпо на живеење малку нѐ разгазија и ни оставија многу време да се посветиме на тоа. Корисниците на интернет во регионот се најмногу изложени на разни видови измами, како што се лажни огласи и лажни претставувања и кражби на профили на Фејсбук, за да се извлечат парите од граѓаните – вели Денис Периша, кој во Хрватска е познат под името Даркмен.
Тој е познат по тоа што како средношколец го хакира сајтот на пратеник во хрватското собрание, по што му беше забранет пристап до компјутери.

Иако се сѐ посиромашни граѓаните во регионот, тие може да бидат изложени и на стандардните хакерски напади, како што се влегување во банкарските сметки или разни облици на измами, кои се шират на социјалните мрежи. Во изминатиот период од епидемијата имало и „безначајни“ хакерски упади, како што е добивање дозвола за движење меѓу два града во Хрватска, во време на карантинот.