Од 5 јуни авиони на НАТО над Црна Гора

92

Воздушниот простор на Црна Гора од 5 јуни ќе го чува НАТО, односно Италија и Грција, кои почнуваат со авионски патроли над територијата на најновата земја-членка на Северноатлантската алијанса.
– Црна Гора нема борбени авиони, а сојузниците ќе ѝ помогнат да се обезбеди воздушниот простор. Како знак на сојузничката солидарност во оваа мисија ќе се вклучат Италија и Грција. Нивните борбени авиони и натаму ќе бидат стационирани во матичните земји и по потреба ќе бидат ангажирани – се наведува во соопштението на НАТО. 

„Ер полисинг“, не е одговор на која било специфична закана и претставува важна компонента што НАТО им ја нуди на своите членки.
Авионите на НАТО ќе бидат ангажирани за помош на воените и на цивилните летала, кои се во некоја небезбедна состојба или поради авиони што не ги почитуваат меѓународните прописи или надлетуваат над територијата на НАТО-сојузниците.