Од златна стафилокока заболени 39 бебиња во породилиште во Букурешт

251

Романските власти соопштија дека бројот на бебиња инфицирани од златна стафилокока, бактерија отпорна на лекови, во породилиште во Букурешт, се искачи на 39.

Ралика Александру, портпаролката на болницата „Џулешти“, која е затворена, денеска изјави дека тестовите потврдиле  дека 39 бебиња се заразени со златна стафилокока, што е трипати повеќе во споредба со минатиот месец.

Романската министерка за здтавство Сорина Пинтеа изјави дека во текот на неделата ќе се одлучува дали болницата ќе остане затворена. Бебињата се хоспитализирани во три други детски болници во Букурешт.

Златна стафилокока често ја има на кожата или во ноздрвите, но не предизвикува никакви симптоми. Но, бактеријата може да биде многу опасна ако продре во крвта, бидејќи ги уништува залистоците на срцето и предизвикува други здравствени проблеми.

Според микробиолозите, околу 30 проценти од луѓето се долгорочни  преносители на златна стафилокока.