Одаловиќ: Договорена заедничка регионална листа на исчезнати лица

46

По конфликтите на територијата на поранешна Југославија, околу 11.700 лица и натаму се водат како исчезнати, соопшти претседателот на српската Комисијата за исчезнати лица, Вељко Одаловиќ, додавајќи дека земјите од регионот се договориле да изработат активна единствена листа на исчезнати лица на која жртвите ќе бидат изедначени, без оглед на тоа на која држава и припаѓаат.

Одаловиќ нагласи дека на Регионалната конференција за решавање на прашањата за исчезнатите лица, одржана минатата недела во Загреб, било заклучено дека карактерот на конфликтите во поранешна Југославија е таков што границите и административните линии не можат да се гледаат како меѓа во потрага по исчезнатите лица, па затоа било договорено да се изработи листа на исчезнати лица по азбучен редослед, на која сите жртви, без оглед на националната, верската или која било друга припадност.

– Ќе ги изедначиме сите исчезнати лица, ќе ги ставиме во иста положба и ќе имаме ист третман кон нив. Со тоа ќе испратиме порака дека сакаме сите тие случаи заедно да ги решиме, вели Одаловиќ.

Тој наведе дека тоа ќе биде жива база на податоци и оти треба да биде завршена во рок од 15 до 20 дена.

Одаловиќ информира дека листата на Белград и Приштина е консолидирана како заедничка листа на исчезнати лица на територијата на Косово и како таква ќе биде внесена во регионалната база, додавајќи дека околу 1.653 лица од Косово се водат како исчезнати.