ОБСЕ загрижен околу системот за регистрација на порталите во Албанија

74

Претставникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите, Арлем Дезир денеска изрази загриженост во врска со новиот систем за регистрација на интернет порталите во Албанија, кои доколку не бидат регистрирани им се заканува затворање.

На 15 октомври албанската Агенција за електронски и поштенски комуникации објави листа од 44 медиуми кои мора да бидат регистрирани во Националниот централен регистер и да бидат опремени со даночен идентификациски број во рок од 72 часа, кои потоа треба да биде објавен на интернет. Доколку тоа не го сторат во предвидениот рок, порталите ќе бидат затворени.

– Државите не треба да наметнуваат задолжителна онлајн регистрација на медиуми како предуслов за нивната работа, што може да има многу негативен ефект врз слободата на медиумите. Оваа практика, кога е имплементирана, може значително да го ограничи пристапот на јавноста до различни извори на информации и плурализам, како и да го поткопа правото на слобода на изразување и информации на интернет, оцени Дезир.

Тој ги повика албанските власти да ги разгледаат сите можни алтернативи за решавање на проблемот и да започнат сеопфатна дебата со релевантните актери на граѓанското општество и медиумите.

– Многу е важно да се обезбедат повеќе информации за прецизните цели на најавените мерки, како и за критериумите врз основа на кои се избрани овие 44 интернет портали, додава Дезир.

Понатаму, тој бара појаснување за правната основа за барањето за објавување на даночниот број на интернет порталите, како и за нивно затворање.

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите упати писмо до премиерот на Албанија, Еди Рама, за ова прашање и ја понуди својата правна помош.

Тој потсетува на препораките на неговата канцеларија за заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување во регулативата за онлајн содржини во Југоисточна Европа, нагласувајќи дека секоја регулатива за онлајн содржини треба да ги земе предвид меѓународните обврски, вклучувајќи ги и оние од ОВСЕ.

Против ваквата одлука на Владата на Рама и Агенцијата, се изјасни и опозицијата, како и сопствениците на порталите, меѓу кои се и познатите Ботасот.инфо, Ноа.ал, Лајми.нет, Албпрес, Инсајдер.

Инаку, познатиот новинар и публицист Кастриот Мифтарај смета дека целта на Рама е преку порталите да затвори дел од телевизите.

– Пртисокот врз порталите е всушност притисок и врз телевизиите, бидејќи премиерот кога вели портали, мисли на телевизиите за да може да владее во мир, изјави Мифтарај по соопштувањето на одлуката на Владата.

Тој додава дека за дури 70 отсто од вестите кои ги објавуваат порталите извор се телевизиите.