ОБСЕ загрижени за безбедноста на новинарите во Косово

181

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми Арлем Дезир и шефот на мисијата на ОБСЕ во Приштина, Јан Брату изразија длабока загриженост за безбедноста на новинарите кои известувале за интервенцијата на полицијата во северниот дел на Косовска Митровица, кога беше уапсен директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ.

За време на полициската операција на 26 март, повредени се петмина новинари, а уништена е медиумска опрема, се наведува во соопштението на ОБСЕ.

– Длабоко сум загрижен поради нападите на тие новинари. Неопходно е на медиумските работници да им се овозможи да ја работат својата работа слободно, без страв за својата безбедност – изјави Дезир.

Брату истаткна дека е легитимно право на медиумите да ги следат настаните и да информираат, што е дел од контролата и рамнотежата во демократските општества.

– Неопходно е тие права да ги почитуваат и поддржуваат сите учесници, вклучувајќи ја и полицијата – рече Брату.