„Новости“: Покрај воена отштета, Приштина бара и имот од поранешна СФРЈ

220

Покрај воената отштета што косовските власти најавија дека ќе ја бараат од Белград, на списокот со барања на Приштина се и дел од имотот на поранешна СФР Југославија, вклучително и одреден број објекти на дипломатски и конзуларни претставништва во странство, воени објекти и дел од архивата, пишува „Вечерње новости“.

Весникот наведува дека тврдењата на Приштина оти средствата и имотот се бараат врз основа на договорот за сукцесија на поранешна Југославија се далеку од реални, бидејќи Косово не беше република во рамките на СФРЈ, туку српска покраина и како неразвиена област беше изземена од прераспределбата за сојузните органи.

Според весникот, при тоа во Приштина никој не споменува дека Белград ги презеде сите долгови на Косово кон доверителите, од Лондонскиот и Парискиот клуб, до ММФ, како и дека Србија „со децении одвојуваше пари за помош на Косово како неразвиено подрачје“.

– Албанците никогаш не и плаќаа данок на Србија, придонеси, струја, телефон или која било друга обврска, но со задоволство користеа пензии, детски додатоци, социјална помош и слично, наведува „Новости“.

Весникот додава дека кога на тоа ќе се додаде и вредноста на српскиот имот на Косово, тогаш тоа ги надминува „наводните побарување“ на косовските Албанци.