Новогодишен пакет на Путин за Србија

1804

Претседателот на Русија Владимир Путин подготвува специјален пакет за Србија со најмалку 20 стратегиски договори, кои ќе бидат претставени во средината на јануари во Белград, при средбата со шефот на српската држава Александар Вучиќ, објави весникот „Новости“.

Според неофицијалните информации на белградскиот весник, овој руски пакет е вреден неколку стотини милиони евра и опфаќа инвестиции во српската инфраструктура, во енергетскиот сектор, земјоделството, одбранбениот систем, образованието и туризмот. Негови најважни делови треба да бидат договорите за изградба на железничкиот коридор, приклучување на Србија на гасоводот Турски тек, како и испорака на тенкови „Т-72“ и противвоздушни ракети, извоз на домашни прехранбени производи во Русија.

Посетата на Путин на Белград има и големо значење во текот на дипломатската офанзива за Косово и Метохија, за што е потребна поддршка од Москва. Без руското посредништво не е можно да се дојде до одржливо и компромисно решение. Затоа доаѓањето на рускиот претседател претставува охрабрување за српската страна пред завршните преговори со Приштина. Важно е да се знае дали Русија би го поддржал секое решение што ќе биде договорено од Белград и од Приштина, пишува „Новости“.

Александар Вучиќ очекува многу од јануарската средба со Владимир Путин и верува дека таа ќе биде најпродуктивна од сите досегашни средби. Српскиот претседател по неодамнешната средба со рускиот амбасадор Александар Чепурин ѝ се заблагодари на Русија за поддршката на територијалниот интегритет на Србија и напорите за наоѓање прифатливо решение за Косово.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Путин разговарал со Хашим Тачи на маргините на настаните во Париз, по повод стоте години од завршувањето на Првата светска војна. Рускиот претседател во оваа пригода ја искажа подготвеноста на Москва да го поддржи договорот меѓу Белград и Приштина, доколку дојде до тоа. Путин ја истакнал потребата Косово да постигне консензус со Србија.

Позициите на Москва ги објасни и амбасадорот Чепурин, кој изрази подготвеност на својата земја за соработка и помош во решавањето на косовското прашање и за тоа рече дека Резолуцијата 1244 од ОН е правната рамка во која треба да се работи при барањето на решението.

– Главниот проблем е што бриселските преговори се водат веќе шест години. Додека Србија ги исполнила сите договори, тоа не може да се рече и за косовската страна, особено кога е во прашање формирањето на Заедницата на српските општини.
Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ изјави дека средбата Путин – Тачи е уште една потврда за заинтересираноста на Русија за постигнување компромис меѓу Белград и Приштина.

– Русија досега многупати покажала дека е наш искрен пријател. Посетата на Путин е од големо политичко значење – вели Анѓелковиќ.