Нови сигнали од прославата на операцијата „Бура“

253

ХРВАТСКА

Првпат политички претставник на српското малцинство во Хрватска ќе учествува на прославата на годишнината од операцијата „Бура“. Потпретседателот на Владата на Република Хрватска, Борис Милошевиќ, од Самостојната демократска српска партија, ќе учествува на 5 август на прославата на 25-годишнината од воената операција во Книн. Министерот за одбрана Томо Медвед (ХДЗ) ќе положи венец за српските жртви на 24 или 25 август.

За Хрватите, особено за оние што на почетокот на деведесеттите години беа протерани од т.н. Српска Краина, операцијата „Бура“ е круна на војната во која беше поразена големосрпската политика олицетворена во парадржавата на нивна територија. Од друга страна, за српското население што тој август 1995 година избегаа пред доаѓањето на хрватската војска, „Бура“ претставува почеток на крајот, рушење на колку-толку нормалниот живот и траумата на бегалците што ја доживеаја стотици илјади лица од некогашна Југославија. Со бројот на избеганите српски цивили и припадници на српската паравојска се лицитира до ден-денешен. Во зависност од тоа која страна ги презентира бројките, станува збор за од 90.000 до 250 илјади лица, пишува „Дојче веле“.

Хрватските претседатели, од Стипе Месиќ преку Иво Јосиповиќ до Колинда Грабар-Китаровиќ, повеќепати изразиле осуда и жалење поради српските жртви, но политиката се трудеше да ја маргинализира оваа приказна. Хрватската десница веќе со години сака во Книн да дојде главниот политички претставник на Србите во Хрватска, Милорад Пуповац, јавно велејќи дека тоа ќе биде полезно за општеството.
Милорад Пуповац (СДСС), пак, порачува дека последната порака за мир е изговорена од Анте Готовина, откако Хашкиот трибунал го ослободи од обвинението за воени злосторства во „Бура“.

„Војната е готова. Да се свртиме кон иднината“, им рече тогаш Готовина на граѓаните што го пречекаа на главниот загрепски плоштад, објави ДВ.