Неопределените тактизираат пред првиот круг на гласање

117

Предноста на Колинда Грабар-Китаровиќ, која е претставничка на владејачката ХДЗ, се намали на околу два процента, пред второпласираниот Зоран Милановиќ

На претстојните претседателски избори во Хрватска ќе се одвива борба за освојување на секој глас. Сите истражувања за јавното мислење за кандидатите за претседател на државата покажуваат тесна разлика меѓу првопласираните, актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и Зоран Милановиќ, како адут на најголемата опозициска партија. Предноста на Грабар-Китаровиќ, која е претставничка на владејачката ХДЗ, се намали на статистичка грешка, од околу два процента, од второпласираниот Милановиќ. Додека зад нив се Мирослав Шкоро и Мислав Колакушиќ.

Ваквата неизвесна борба уште на самиот почеток на изборната кампања, ги принуди нивните штабови да ги засилат своите активности на сите страни, со намера да се придобие секој слободен глас од граѓаните, пишува „Вечерњи лист“. Тие ја побараа поддршката од независните градоначалници или видните личности, началниците и од жупаните што можат да застанат зад нечија кандидатура. Оние што се политички неутрални сѐ уште не се изјаснуваат за кого би ја дале својата поддршка, барем не пред првиот изборен круг, така што остануваат отворени сите можни политички комбинаторики.

Личко-сењскиот жупан Дарко Милановиќ вели дека никој досега не побарал разговор за предизборна соработка, но знае дека нема да гласа за кандидат на опозицијата. Но затоа Милановиќ може да очекува на гласовите од актуелниот жупан на Меѓумурје, Матија Посавац, кој поактивно би се вклучил во агитацијата во вториот изборен круг доколку помине Зоран Милановиќ. Исто така, и бјеловарскиот жупан Дамир Бајс нема да се изјаснува во првиот круг на претседателските избори, но се говори дека тој е поблиску до кандидатите на левицата.

Градоначалникот на Осиек, Ивица Вркиќ, нагласува дека останува независен. Ни шефот на Независната листа на младите, Анте Праниќ, нема намера да гласа на изборите, затоа што се залага за укинување на функцијата претседател и се залага за воведување целосен парламентарен систем.

– Ние сме шест месеци во кампања, која во вториот изборен круг ќе создаде уште еднаш блоковски поделби меѓу гласачите, а еден ден по изборите сѐ ќе биде исто затоа што претседателот нема овластувања со кои би можел да влијае – вели Паниќ.
Политичкиот аналитичар Ивица Релковиќ не е изненаден од тоа што кандидатите ја бараат поддршката од независните лица, кои се силни во локалните средини, затоа што овие избори ќе бидат многу неизвесни.

– Двајцата најсилни кандидати, Колинда Грабар-Китаривќ и Зоран Милановиќ, се приближија со гласовите, што четири или пет проценти од неопределените гласачи можат да одлучуваат кој ќе биде победник – вели Релковиќ.