Нема професори по физика, математика…

125

Училиштата во Хрватска сѐ потешко доаѓаат до професори по физика, математика, хемија и информатика. На бироата за вработување во оваа земја има најмногу невработени лица за одделенски наставници, професори по физичко, за филозофија и историја. Конкурсите за професори за природните науки се повторуваат по неколку пати, но не се јавува никој со соодветно образование, пишува „Јутарњи лист“.

– Кога ќе се објави конкурс за одредено време воопшто не може да се најдат физичар и математичар. Во блиска иднина ќе останеме без овој кадар – предупредува Златко Стиќ, директор на природно-деловното училиште „Владимир Прелог“ во Загреб.

Со истите проблеми се соочуваат и училиштата од другите градови во Хрватска, каде што конкурсите за дефицитарните професори се повторуваат по шест пати.

– Мораме да се помириме со фактот дека некој што завршил факултет за информатика или на ПМФ нема да работи во училиште за плата од 5.000 куни. Сега треба да се реши овој проблем за да не се распадне целиот образовен систем за неколку години – објаснува Тихомир Енгелсфелд, директорот на загрепската Петта гимназија.

Во Хрватска, во последните пет години е забележан континуиран пад на учениците и пораст на бројот на наставници. На државно ниво, во основните училишта бројот на вработените за пет години пораснал за 1.482, а во средните за 369 лица, пишува „Јутарњи лист“.