Недостиг или повлекување на производите?

604

Жителите на четирите општини на северот на Косово се соочуваат со недостиг од основни животни производи. Околу 400 сопственици на дуќани и на продавници со прехранбени производи планираат да ги затворат продажните објекти, затоа што неколку дена не им пристигнуваат млеко и млечни производи, масло за јадење, шеќер и сол, пишува белградска „Политика“.

Претседателот на Здружението на стопанствениците од северниот дел на Косово, Радош Петровиќ, изјави дека резервите на брашно се потрошени, а се најавува и недостиг од леб. „Политика“ пишува и за зголемени контроли на инспекциските служби, кои се под надлежност на косовските власти.

Пред три дена премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, предупреди на можноста Белград да почне со спроведување на планот за повлекување на производите за да се предизвика хуманитарна катастрофа. Сево ова доаѓа по неуспешните обиди за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, што беше најавено со одржување конференција во Париз. Српската страна инсистира за укинување на царинските давачки за производите што се увезуваат од Србија, но косовските власти го условуваат тоа со признавање на Косово.

Одложувањето на самитот во Париз претставува пораз, но е најмалку пораз на Србија, оцени во неделата српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, по средбата со норвешката министерка за надворешни работи, Ина Мари Ериксон Сореид, го истакна значењето за продолжувањето на дијалогот со Србија, но тоа да биде без условување.

– Косово сака засекогаш да ги расчисти односите како држава со државата Србија и да се постигне правнообврзувачки договор, со неопходните меѓународни гаранции. Но за тоа се потребни повеќе желба, далековидост и политички прагматизам – изјави Тачи.