Недостигот од сезонски работници го загрозува туризмот

309

Работата на келнерите на скалата на општествената прифатливост се наоѓа многу ниско, а за тоа придонесува и нехуманиот однос на хрватските работодавци

Иднината на хрватскиот туризам, кој учествува со 20 отсто во БДП, е загрозена поради недостиг од работна сила и намалениот број сезонски работници. Десетици илјади луѓе секоја година заминуваат во странство, а сезонските работници од Славонија се одлучуваат за подобро платените работни места. Недоволниот број работници се одразува на квалитетот на туристичката понуда и ќе влијае на намалување на падот на девизниот прилив на Хрватска, пишува „Индекс“.

Зоран Пејовиќ, угостител со повеќегодишно меѓународно искуство во високото хотелиерство вели дека ваквата состојба во хрватскиот туризам треба да се бара во фискалната политика и пред сѐ во високото даночно оптоварување.
– Работодавците во туризмот немаат најдобра репутација и тоа е нешто на што мора да се работи упорно и квалитетно. Работата на келнерите на скалата на општествената прифатливост се наоѓа многу ниско. Малку луѓе на почетокот на својата работна кариера се гледаат во угостителството или во туризмот воопшто. Тоа го прават привремено додека не се најде нешто подобро. Доколку и останат во угостителството се чувствуваат разочарани, како резултат на личната неисполнетост и притисокот од блиската околина. Но и да се реши проблемот со недостигот од работници, останува прашањето за деловната неконкурентност во однос на сите земји од Медитеранот, а тоа е нешто што треба да се решава итно – вели Пејовиќ.

Хрватска во последните години има најбрз раст на туристичките индикатори за бројот на гости и ноќевања, не е исклучено работите да тргнат во спротивна насока, предупредува Пејовиќ.
– Туризмот е трудоинтезивна гранка и недостигот од работна сила сигурно ќе предизвика краткорочни и среднорочни проблеми. Ова вклучува и скратување на сезоната, како и свртување кон туристите со поскромни барања и автоматизација на делот на услугите. Малите угостители тешко ќе се носат со овие предизвици. Некои ќе пропаднат, а некои ќе мора да се здружат. Оние што ќе сакаат да преживеат ќе треба да се свртат кон семеен модел на туризмот, во кој вработените лица доаѓаат од поблиската фамилија, како што е случај во зимските центри во Австрија. Притисокот врз малите и средните работодавци ќе влијае на порастот на работниците на црно, додека квалитетот на понудата значително ќе опадне. Ова можеби нема да се одрази многу на бројот на ноќевањата, но секако ќе води кон падот на приходите и реномето на Хрватска како туристичка дестинација – вели Пејовиќ.
Темата за недостиг од работници во туризмот деновиве е присутна во сите хрватски медиуми, а порталот Дневно.хр дава поинаква слика и пренесува дел од сведоштвата на сезонските работници за непријатното искуство со работодавците, кои им нудат лоши услови за работа и сместување. Информации за нехуманиот однос кон работниците што во некои случаи се граничи и со трудова експлоатација, можат да се видат на групата што е отворена на социјалните мрежи, која објавува црна листа на работодавци.

Како илустративен случај, порталот посочува на фотографиите што ги објави еден сезонски работник, кој е на работа во Умаг. Тој напишал дека работниците немаат ни тоалет, а неколкумина работници се сместени во шатори на сонце. На платното на шаторите има дупки, а тие спијат на земја и на трева. Покрај ова, работниците се изложени и на навреди и на други непријатни ситуации.