Невладиниот сектор поделен и неефикасен

26

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во својот текст за влијанието на цивилното општество во Босна и Херцеговина и во Косово, пишува дека невладиниот сектор станува речиси неефикасен, по повлекувањето на странските донатори. Весникот како основа на оваа анализа ги користи тезите од книгата на Патрис С. Мекмахон, која ја следи работата на невладините организации, на примерот на БиХ и Косово, а во која се користи изразот „добронамерен колонијализам“, пренесува „Дојче веле“.

По злосторството во Сребреница, каде што српските војници убија илјада мажи и деца, вдовиците и мајките со помош на странски донатори основаа невладина организација „Мајките на Сребреница“. Тие почнаа да го запознаваат светот со сторителите на злосторството и да се соочуваат со темните поглавја на историјата. Нивната потресна приказна е симбол на улогата на невладините организации како ефикасни, прогресивни и автентични претставници на локалното општество. Но како што забележува политикологот Патрис С. Мекмахон, реалноста обично изгледа сосема поинаку, пишува германскиот весник.

Авторката на книгата го скицира подемот и падот на, како што вели, „пренадуваниот“ НВО-сектор од кој по повлекувањето на парите од Западот не останува многу повеќе од разочарување и изневерени очекување.

– По војната во БиХ меѓународната заедница под водството на ОН сакаше да ја обнови земјата и да го поттикне помирувањето меѓу етничките групи. Со многу пари и ентузијазам, но со мали сознанија за состојбата на теренот и овој „хуманитарен клуб“ почна да работи на јакнење на цивилното општество. Меѓународните невладини организации основаат локални разграноци, западните актери од владиниот и од невладиниот сектор отвораат нови невладини организации или влегуваат во нерамноправни партнерства со локалните актери одредувајќи ја нивната агенда, поради финансиската надмоќност. Локалните организации почнуваат своите проекти да ги креираат според желбите на донаторите. Наместо заемно да се поврзуваат и засилуваат, почнуваат да се однесуваат како конкуренција едни на други. Притоа, дејствуваат не водејќи сметка за потребите и интересите на населението што го претставуваат – пишува весникот.

Германскиот весник ја цитира тезата на Патрис С. Мекмахон, која смета дека на меѓународната заедница ѝ недостига заедничка и долгорочна стратегија или ефикасна и координирана активност. Проблемот беше во начинот на финансирање на секој проект. Тоа дополнително го спречи самоодржливиот развој на невладините организации. Во меѓувреме, се намали интересирањето за БиХ, наспроти големите финансиски вложувања во цивилниот сектор, кој сега е слаб и длабоко поделен, пренесува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Како втор пример се наведува Косово, во кое за разлика од БиХ, и пред интервенцијата на меѓународната заедница постоеше „активно и развиено цивилно општество“. По влегувањето на странскиот НВО-сектор, фокусот се става само на потребите на албанското население, што не беше во согласност со јакнењето на мултиетничкото општество. Така, цивилното општество стана зависно од странските пари и идеи. Иако има и позитивни примери од дејствувањето на невладините организации, сепак негативните примери преовладуваат, забележува Мекмахон.

Системот на меѓународното финансирање, недостиг од поднесување сметка за потрошените пари, хиерархиските партнерства со локалните актери, што од авторката се нарекува како „добронамерен колонијализам“ може да биде и штетно за развојот на постконфликтните општества, се заклучува на крајот на текстот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.