На ЕУ ѝ е потребна нова стратегија за Балканот

296
Со обвиненијата против Тачи пропадна можноста за средба во Белата куќа

Српскиот претседател Александар Вучиќ требаше да се сретне со косовскиот колега Хашим Тачи на 27 јуни во Белата куќа, на преговори под посредство на американскиот специјалниот пратеник Ричард Гренел. Целта на средбата претставуваше нормализацијата на односите помеѓу Србија и Косово кои се во замрзнат конфликт уште откако Косово еднострано прогласи независност од Србија во 2008 година, пишува Алекс Ерор во неговата колумна за „Форин полиси“.

Но, на три дена пред средбата во Вашингтон, Обвинителството во Хаг соопшти дека покренало обвинение во Специјалниот суд во Косово, обвинувајќи го Тачи и неколку негови соработници за воени злосторства против човештвото, наводно починети од ОВК врз цивилите за време на косовската војна. Тачи потоа го откажа патувањето во САД со што пропадна состанокот во Белата куќа, а Вучиќ и косовскиот премиер Авдула Хоти отпатуваа во Брисел за одвоено да се сретнат со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

– Тајмингот на објавата од Хаг покрена бран на шпекулации дека ЕУ ги подрива преговорите под посредство на САД. Вообичаено ваквите обвинувања се блиску до теории на заговор, но во овој случај тие се веродостојни. Откако средбата беше најавена во средината на јуни, се јавија стравувања во европските главни градови дека Гренел, кој не им беше омилен на лидерите на ЕУ за време на вршењето на функцијата на американски амбасадор во Германија, планира да го истурка контроверзниот предлог за размена на теритоии, кој би го решил спорот помеѓу Србија и Косово со повторно исцртување на границите. И Вучиќ и Тачи ја поддржуваат таквата идеја, но ЕУ стравува дека таа може да доведе до насилство и крвопролевање на Балканот преку поттикнување на другите гранични спорови низ регионот – наведува Ерор во неговата колумна.

Убедувањето на Србија формално да ја признае косовската независност е врвна геостратешка цел на Балканот за американската влада и за ЕУ, но овие западни сили се длабоко поделени околу начинот на кој треба да биде постигната.

Брисел смета дека тоа треба да биде постигнато со давање на поттик за Србија да го прифати статусот кво и своеволно да се откаже од полагањето право врз Косово, обидот што владата во Белград во повеќе наврати го одби.

Од друга страна, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е далеку пофлексибилна и досега соопшти дека таа ќе го признае секое „взаемно задоволително решение“ помеѓу Белград и Приштина, кое веројатно вклучува и промена на границите. Таквото решение би било спротивно на интересите на Брисел, поради што се јавија верувања дека тајмингот за обвиненијата за Тачи не е случаен.

Состанокот на Гренел можеби е откажан засега, но самата негова организација треба да послужи како повик за будење за Брисел. Во изминатата деценија, ЕУ беше толку зафатена со сопствените кризи, што резултираше со малиот капацитет за вклучување на Балканот. Ваквото повлекување придонесе европското влијание во регионот да опадне што остави празнина која во извесна мера ја пополнуваат Кина, Русија, Турција и државите од Персискиот Залив. Ако ЕУ сака да ја избегне ситуацијата во која ќе биде тргната настрана во сопствениот двор, таа треба да заземе многу поцврст пристап кон балканските прашања преку победување на ривалите и убедување на регионалните лидери, а особено Вучиќ, во согласноста со нејзините цели, се заклучува во анализата на американскиот магазин.