Наставниот процес пред неизвесни здравствени задачи

494

Ниедна од земјите од Западен Балкан нема конечна стратегија за новата учебна година во услови на пандемија, а секоја земја одделно носи процени за најповолната опција за тоа дали наставниот процес да се одвива во училиштата со изменет режим или да се одвива онлајн

Образовните власти во државите од Западен Балкан, кои во август се соочуваат со зголемен број заболени лица од коронавирусот, сè уште не се сигурни како точно ќе ја почнат новата учебна година. Секоја земја одделно носи процени за најповолната опција за тоа дали наставниот процес да се одвива во училиштата со изменет режим или да се одвива онлајн. Некои од земјите од Балканот разработуваат комбиниран модел за следење на наставниот процес. Крајниот избор ќе зависи од предлозите на епидемиолозите, кои ќе предложат безбедносни здравствени протоколи за училиштата. Во мерките што ќе бидат спроведени се: одржување пократки часови, помалку ученици во училниците, како и дополнителни часови за наставата преку интернет, пренесува „Балкан инсајт“.
Србија сè уште не одлучила за наставниот модел за следната учебна година, бидејќи Владата, нејзиниот кризен штаб и Министерството за образование разработуваат различни предложени модели, рече премиерката Ана Брнабиќ на прес-конференција минатата недела. Намерата на српската влада е да се одредат единствени критериуми што ќе важат за сите образовни институции во земјата, за да не им се остава простор на самите училишта да преземаат сопствени мерки за заштита од епидемијата.

Еден од предлозите е учениците од прво до четврто одделение да се вратат во училиштата, но во одделенијата да има до 15 деца, а наставата да трае од 30 до 35 минути, со 20-минутни паузи за да се дезинфицираат просториите. Министерот за образование, Младен Сарчевиќ, за весникот „Блиц“ на почетокот на јули изјави дека министерството размислува за „комбиниран модел“, што „значи дека учениците ќе имаат часови на интернет, но, исто така, ќе доаѓаат на училиште секоја втора недела“.
Во Босна и Херцеговина, каде што во последните шест недели има пораст на бројот на заболени лица, ќе излезат со план до средината на овој месец, откако ќе се направат консултациите со епидемиолозите, наставниците, синдикатите и родителите. Во опција се сите три модели: целосно враќање во училиштата, целосна онлајн настава или комбинирано.

Мерима Бежаревиќ, шефица на одборот на советот на родители на кантонот во Сараево, рече дека еден предлог е да им се овозможи на родителите на децата од 1 до 4 одделение да останат дома и да им помогнат во текот на неделните предавања. Но прашање е колку ова е изводливо, имајќи предвид дека родителите се зафатени со работа, во приватни и во јавни институции, пренесува „Балкан инсајт“.
Министерството за образование на Црна Гора оваа недела соопшти дека е подготвено за новата учебна година, но ќе се консултира со Институтот за јавно здравје пред да донесе конечна одлука. Во меѓувреме, министерството подготвува програма за видеонастава во случај училиштата да останат повторно затворени поради епидемијата.
Министерот за образование на Косово, Раме Лахај, изјави дека се подготвуваат концепти за сите нивоа на образование и за сите три сценарија, вклучувајќи различни пристапи за различни општини во зависност од епидемиолошката состојба во секоја општина поединечно. Косовското министерство подготвува снимени е-лекции за 1-9 одделение за целата година, се вели во извештајот.
Албанија, покрај со епидемијата на коронавирусот, се соочува и со последиците од земјотресот во ноември 2019 година. Во моментот околу 96 училишта не работат или само делумно функционираат како резултат на штетата предизвикана од земјотресот и во нив се образоваат околу 20.000 ученици.

Образовните власти во Македонија сè уште не донесоа одлука дали да се отворат училишта и градинките во септември, но министерот за здравство Венко Филипче во четвртокот навести дека училиштата и градинките ќе мора прво да ги усогласат сите протоколи по што ќе се донесе конечна одлука. Филипче изјави дека „некои од главните мерки вклучуваат формирање помали групи на ученици, со повеќе смени и пократки часови, додавајќи дека целта е децата да останат на затворени места колку што е можно помалку и сите да носат заштитни маски“. Македонското МОН предлага настава со физичко присуство, комбинирана настава (физичко и онлајн), како и трета опција комплетно учење од дома. Комисија за заразни болести вчера ги разгледуваше протоколите и ќе даде свое мислење до кризниот штаб, по што крајна одлука ќе донесе Владата. Сѐ точно ќе се знае деновиве.

Хрватското министерство за наука и образование за БИРН изјави дека целта им е „од 7 септември учениците да посетуваат настава во училниците во согласност со сите епидемиолошки мерки“, додека часовите преку интернет ќе се обезбедат во исклучителни случаи за ученици што не можат да одат на училиште поради здравствени причини, објави „Балкан инсајт“.