Наесен најголемо искушение за (не)вработеноста

54
Фирмите треба да се навикнуваат на новонастанатата состојба по епидемијата

Во Србија е исплатена последната рата од државната помош за исплата на минималните плати на работниците од приватниот сектор, а од Владата не најавуваат продолжување на државните субвенции. По истекот на државните мерки, зголемена невработеност се очекува и во другите балкански земји

Дел од краткорочните мерките за зачувување на работните места, кои владите од земјите од регионот ги донесоа за периодот на вонредната состојба поради пандемијата, се со поминат рок. Со исплата на минималната плата од државите каси се спречи првиот бран отпуштања на работниците. Но се чини тоа имаше краток ефект, затоа што во националните економски програми не се предвидени дополнителни средства за покривање на платите на илјадници лица, кои работат во приватниот сектор, а кои се најдиректно изложен на корона-кризата. Првиот најголем ек за отпуштање на работниците, особено во туристичкиот и услужниот сектор во земјите од регионот се очекува во септември. Овој негативен тренд на отпуштање на работниците се очекува да продолжи до крајот на годинава.
Во Србија вчера на фирмите им беше исплатена сумата за минималната плата на повеќе од милион вработени и тоа ќе биде последната рата од државната помош за српската економија, која е погодена од корона-кризата.

Претходните денови од српската влада доаѓаа изјави дека државата не планира да продолжи со дополнителен пакет економска помош, а од Министерството за финансии пристигна и официјална информација дека се свесни за тешките услови на стопанисување, но на фирмите не им останува ништо друго, освен да се приспособуваат на новонастанатата состојба. Наспроти владините најави, вчера здруженијата на туристички агенции во Србија побараа од ресорните министерства дополнителна помош во бруто-минимална плата до крајот на годината, затоа што овој сектор е најпогоден од епидемијата.
– Фирмите што добија минимална плата, ќе мора да ги задржат вработените до есен, но потоа ќе следуваат големи отпуштања. По јули, проблематични месеци ќе бидат септември, октомври и ноември. Тоа е до крајот на годината кога ќе се видат и вистинските последици од кризата – оценува економистот Зоран Дракулиќ за „Блиц бизнис“.

Србија по основа на исплата на трите минимални плати досега одвоила 94 милијарди динари, односно 800 милиони евра, средства од државниот буџет. Вкупната државна помош со одложување на обврските за плаќање даноци и придонеси, минимални плати и исплата на 100 евра за граѓаните, достигна повеќе од 2,3 милијарди евра.
– Се надевам им помогнавме на работодавците и на вработените. Фирмите ја задржаа ликвидноста, а работниците своите работни места. Сега ни претстои заедничка борба да ја зачуваме постојната вработеност во земјата. Мораме да ја поттикнеме и побарувачката, но со нови иницијативи и претприемаштво, а не со постојано инјектирање буџетски средства – изјави Синиша Мали, министер за финансии.
Во споредба со ланскиот јуни, Хрватска на крајот на минатиот месец бележи помал број вработени за 51.970 лица или за 3,3 отсто. Туризмот и угостителството се со најголем пад од 22,9 отсто, вработеноста во преработувачката индустрија е намалена за 3,1, во трговијата за три и во јавната управа и одбраната за 3,7 отсто.
Аналитичарите од Рајфајзен банка нагласуваат дека бројот на осигуреници во државниот пензиски фонд во Хрватска, првпат од 2014 година, има тенденција на годишен пад, а најизразен е во секторот за сместување и услугите со храна. До крајот на годината, а особено од септември се очекува влошување на сликата за вработеност во Хрватска, поради истекот на владиниот пакет на економски мерки, пренесуваат од „Јутарњи лист“.

Хрватска се соочува со уште поголеми последици од пандемијата, отколку што беа првите прогнози. Најновите согледувања на Европската комисија се дека падот на БДП во земјата за годинава ќе биде 10,8 отсто, а од следната година да почне закрепнувањето со раст од 7,5 отсто.
Македонската влада како поддршка за домашната економија донесе три пакет мерки со вкупна вредност од 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП. Вредноста на последниот пакет, што беше објавен на 17 мај годинава, изнесува 355 милиони евра, а во него се содржани и директни мерки за одржување на домашната туристичка понуда. Во нив спаѓа и доделувањето платежни картички во вредност од 9.000 денари на околу 100 илјади граѓани, кои ќе можат да купуваат македонски производи и услуги. Исто така, околу 100 илјади наши граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 ден. и домашна платежна картичка од 3.000 денари и тие можат да ги користат да се одморат и да летуваат дома. Како значајна мерка е одобрувањето паричен надоместок за сите лица што останале без работа од 11 март до 30 април 2020 г. Со оваа мерка им се даде можност за паричен надоместок на сите лица што ја изгубиле својата работа, вклучувајќи ги и оние што го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено или добиле отказ од работодавецот.

Меѓутоа, како што сме информирани, многу лица од вработените во туристичкиот и услужниот сектор се соочуваат со откази по 30 април, а дополнителен бран се очекува и по завршување на и така „пропадната“ туристичка сезона. Сево ова ги става вработените во туризмот во сѐ понезавидна економска состојба што, секако, ќе се одрази и на другите сектори.
Предвидувањата за Хрватска, која е во групата на три туристички земји со најголеми загуби, се дека таа во текот на следната година ќе биде во проблеми поради нарушените односи во меѓународниот патнички промет. Загубите во туристичкиот сектор предизвикани од коронавирусот негативно влијаат и на другите стопански дејности, кои ги снабдуваат странските гости со храна и други услуги. Затоа е неопходна поголема социјална заштита на граѓаните од земјите што зависат од туризмот. Владите треба да осмислат и програми за субвенционирање на платите или да им се помогне на туристичките работници да се префрлат во нови индустрии, посочуваат од УНКТАД.