Над 20.000 мигранти влегле во БиХ од почетокот на годината

39

Бројот на илегалните мигранти, кои влегле во Босна и Херцеговина и биле регистрирани од надлежните органи од почетокот на оваа година, достигна над 20.000 луѓе, вклучувајќи и 500 деца, од кои 60 без придружник, соопшти денеска босанската министерка за човековите права и прашања за бегалците Семиха Боровац.

Боровац денеска го посети Унско-санскиот кантон во северозападниот дел на државата, каде во моментов се наоѓаат голем број мигранти, кои имаат намера да преминат во Хрватска веднаш штом ќе се појави таква можност, за да го продолжат патот кон Западна Европа.

Поранешниот хотел „Седра“ беше претворен во Центар за сместување на околу 400 мигранти и беше адаптиран за семејства со деца и малолетници без придружба.

Боровац предупреди дека голем број мигранти се од „ранливи категории” на кои им е потребна посебна грижа.

– Ние сме многу загрижени за тоа, додаде министерката.

Илегалните мигранти пристигнуваат во БиХ најмногу од Србија и Црна Гора.

Боровац потврди дека се доделени 8,2 милиона евра, за да биде потпомогната државата во справувањето со мигрантската криза и дека со тие пари управуваат Високиот комесаријат на ОН за бегалци и Меѓународната организација за миграција.