Мустафа против менување на границите на Косово

55

Поранешниот косовски премиер и лидер на водечката опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа денеска ги повика лидерите на општините Прешево, Медвеѓа и Бујановац да престанат со повиците за менување на границата меѓу Србија и Косово.

Според Мустафа, овие барања за размена на општините во Србија со мнозинско албанско население за општини од Косово каде Србите се мнозинство, го загрозува територијалниот интегритет на Косово и претставува ризик за отворање на прашањето за државноста на Косово.

Претставници на трите општини од Србија се во Приштина на средби со косовското раководство, каде го актуелизираат прашањето за припојување на овие општини кон Косово, во замена за спојување на четирите општини од северот на Косово со мнозинско српско население кон Србија.

Мустафа изјави дека има разбирање за положбата на Албанци што живеат во Србија, но додаде дека „отворањето на прашањето за територијалниот интегритет е спротивно на Уставот на Косово и декларацијата на независност и дека со него се ризикува државноста на Косово да се стави на преговарачка маса“.

ЛДК се спротистави на предлозите за размена на територии меѓу Косово и Србија. Против овој предлог се и мнозинството пратеници во косовскиот Парламент, против него се изјасни и премиерот на Косово, Рамуш Харадинај.