Мрзливи политичари прават недовршени држави

89

Косово

„Србија и Косово – две недовршени држави 20 години по војната“ е насловот на трибината што беше организирана минатата недела во Берлин. Валтер Кауфман, шефот на отсекот за југоисточна Европа од фондацијата „Хајнрих Бел“, на почетокот на трибината се обиде да даде објаснување за изразот „недовршени држави“, за кој рече дека изгледа помалку провокативно, но тоа е направено за да се повлече врската меѓу застојот во преговорите меѓу Србија и Косово и државните структури во овие земји, пренесе „Дојче веле“.

Бодо Вебер од берлинскиот Демократски политички центар, кој беше и координатор на трибината, смета дека поимот „недовршени држави“ неоправдано се поврзува само со Косово.

– Косово навистина нема контрола над целокупното подрачје, но ако ја погледнеме и Србија како што е дефинирана, тогаш и таа нема целосна контрола над својата територија – изјави Бодо Вебер.
Учесниците на трибината, поголемиот дел од дебатата ја посветија во објаснување на идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија, која преговорите за дефинирање на идните односи меѓу Белград и Приштина и имплементацијата на Бриселскиот договор ги врати неколку години назад.

– Ние бевме шокирани кога по неколкугодишни преговори наеднаш слушнавме за оваа идеја. Иако оваа идеја е отфрлена на самитот во Берлин, нема решение на повидок. Се надевам дека на продолжението во Париз, прашањето за косовските царини ќе биде решено, а преговорите ќе тргнат од мртва точка. Но засега нема златен клуч со кој би се направило некое чудо. Се прават мали чекори, нереално е да се очекува да се направат промени преку ноќ – изјави Сабине Штер од германското министерство за надворешни работи задолжена за југоисточна Европа.

Другите учесници предупредија на песимизмот што се „емитира“ од политичките елити на Балканот. Косовскиот писател и издавач Ветон Сурои посочи на „интелектуалната мрзливост“ на политичарите од Србија и од Косово кога станува збор за пронаоѓање решение за помирување на двете страни и постојаното форсирање на атмосферата на војна, која не исчезнала и 20 години по војната на Косово.

Соња Бисерко од Хелсиншкиот одбор за човекови права во Србија смета дека политичките елити од Балканот придонесуваат за девастација на политичкиот и општествен простор, затоа што тоа се луѓе кои немаат храброст да направат исчекор во однос на вредностите кои ги застапува Европската Унија.

– На некој начин, политичките екипи ги блокираа овие процеси затоа што помалку или повеќе се неуспешни во сите реформи и во демократизацијата за која не може да се каже дека е почната, затоа што сѐ уште се занимаваат со теми како што се консолидација на државите – вели Бисерко.

Според неа, граѓаните стануваат позрели од „елитите“, но се затворени сите канали од кои би произлегла некаква политичка алтернатива.