„Мрачниот туризам“ ги привлекува странците во Сараево

114

Сопственикот Аријан Курбашиќ (27) знае дека неговата идеја за гостопримство не е по сечиј вкус, па затоа е подготвен за отстапки, со цел да им удоволи на гостите во невообичаениот воен хостел во Сараево, пишува „Њујорк тајмс“.

Тој затоа, на пример, од време на време го стишува звучниот систем кој пушта звуци на пукотници и на експлозии. Но, заспивањето и тогаш претставува предизвик, бидејќи нема кревети, перници ниту чаршави, туку само тенки душеци на подот и дебели ќебиња. 

Декорацијата, исто така, е далеку од смирувачка. Низ хостелот има многу оружје, како и постери кои ја симболизираат смртта. Додека другите луксузни хотели нудат соби со поглед на стариот дел од градот, воениот хостел го нуди „бункерот“, своевидна зандана без прозорци за која сопственикот вели „дека треба да се биде луд за да се спие во неа“. Ноќевањето во хостелот чини 20 евра.

Ѕидовите се состојат дрвени даски, а подот е прекриен со кал, за да се стекне чувство за престој во бункер. Вклучена е и машина за испуштање чад. За дополнителна автентичност, гостите ги оставаат надвор телефоните, накитот и часовниците, чие внесување е забрането во бункерот. Нема прозорци, ниту светилки, туку посетителите добиваат стари батериски лампи кои се пред гаснење. Безжичниот интернет преставува единствениот „луксуз“. 

Воениот хостел нуди сместување во „бункер“

Курбашиќ, кој е поранешен туристички водич, истакнува дека увидел оти многумина туристи имаат желба да дознаат за страдањето во градот во текот на војната од 1992 до 1995 година. Како што истакнува, негова цел не била да создаде носталгија за војната, туку да им овозможи на гостите да стекнат увид во ужасите на конфликтот.

– Младите доаѓаат и велат, ова е толку кул. Но, не е кул и не е игра. Ако сте растеле, мислејќи дека војната е игра, ќе носите некои навистина лоши одлуки – вели Курбашиќ, кој ги пречекува гостите во војничка униформа.

Сопственикот на воениот хостел Аријан Курбашиќ

Изразот за гранката на туризмот во кој спаѓа хостелот во Сараево, се нарекува „мрачен туризам“, поттикнат од интересот за местата каде што се случиле страшни настани. 

Туристите ги посетуваат локациите во Сараево на кои некогаш имаше снајперски гнезда, или каде што беа водени жестоки борби, како и познатиот „тунел на надежта“ кој беше користен при опсадата на градот. Повеќето гости во хотелот се од Источна Европа, Австралија и од САД. Локалните жители воопшто не се заинтересирани за престој.

–