Морето исфрли тони ѓубре кај Дубровник

162

Хрватското крајбрежје од вчера попладне е погодено од силно невреме, проследено со силен ветер, којшто предизвика проблеми во сообраќајот. Издаден е црвен аларм за екстремно опасно време на Јадранот, што се случува само неколку пати годишно. Невремето почна вчера, а метеоролозите најавуваат дека ќе продолжи и во наредните денови.

Според прогнозите, овој дел на Европа ќе биде под влијание на силен циклон, и во наредните два дена. Првото невреме било забележано вчера во попладневните часови, а во 19 часот биле најсилните налети на ветрот во Сплит. Силен налет на ветер од 105 километри на час бил измерен во станицата во Сплит.

Во прекин се бројни траектни, бродски и катамарански линии од северен Јадран до Дубровник. Поради силниот ветер на некои патишта сообраќајот е ограничен само на патнички, додека на камионите и автобусите им е забрането движење.

Поради невремето коешто трае со денови, тони отпад се депонирани во околината на Дубровник, но и на бреговите на далматинските острови како Корчула, Мљет, Ластово на Јадранот. Станува збор претежно за отпад од Албанија, кој што најпрво се фрла во реките, по што завршува и во морето, пренесува „Далмација денес“.