Молкот на Харадинај пред сериозните обвинувања од Хаг?

293

Косово

Ако не е виновен, тој нема да го плаќа меѓународниот тим на адвокати да го бранат во оваа фаза. Очигледно Харадинај се соочува со сериозни обвинувања, сметаат високи политички кругови во Белград

Советот на правниот тим на Рамуш Харадинај да се брани со молчење во текот на сослушувањето од Судот во Хаг е поради сериозните обвинувања што се ставаат на негова сметка, изјави Милован Дрецун, претседател на Одборот за Косово и Метохија во Собранието на Србија.

– Штом молчи, значи дека е свесен за делата што ги сторил. Ако не е виновен, тој нема да го плаќа меѓународниот тим на адвокати да го бранат во оваа фаза. Очигледно Харадинај се соочува со сериозни обвинувања – изјави Дрецун за агенцијата „Танјуг“.
Дрецун смета дека Харадинај одлучил оваа за него тешка состојба со испитувањето во Хаг да ја искористи за политички цели и за подигнување на рејтингот за себе и за партијата, за да постигне подобри резултати на претстојните избори на Косово.
– Тоа е неговата карта, бидејќи во тој случај некои западни земји би можеле да извршат притисок на судот или на обвинителството за да се најде на обвинението или да биде ослободен. Тоа е стара игра, да се заканува со нестабилност ако еден лидер на една силна партија се најде во затвор – додава Дрецун.

Меѓутоа, Дрецун верува дека состојбата овој пат е изменета, затоа што водечките западни држави сакаат приказната со злосторствата на ОВК да се расчисти и имаат намера да се случи генерациска смена меѓу Албанците на Косово. Ова е сценарио што не се вклопува во плановите на Харадинај, кој не сака да биде дел од решавањето на косовскиот проблем, туку да биде дел од создавање нови проблеми.

Поранешната пратеничка на косовското собрание, претседателката на Европското движење на Србите од Косово, Рада Трајковиќ, вели дека косовскиот претседател Хашим Тачи и претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, веќе биле интервјуирани од страна на Специјалниот суд, во врска со обвиненијата за воени злосторства во Косово. Таа процени дека Рамуш Харадинај со својата оставка и заминувањето во Хаг им одржа час по морал на Тачи и Весели.

Трајковиќ, зборувајќи за телевизијата Н1 рече дека повеќе од 40 луѓе во Косово добиле покани за да одат во Хаг во својство на осомничени или како сведоци, а вели дека „најважно за српската заедница е тоа кога ќе започне процесот против т.н. Група на Дреновец“, која во извештајот на Дик Марти е осомничена за киднапирање Срби и за трговија со органи.

Политичките аналитичари оценија дека косовскиот претседател Хашим Тачи намерно го одложува распишувањето нови избори и оти не направил никакви чекори за да се консултира со политичките партии по оставката на Рамуш Харадинај, јави Танјуг.
Аналитичарите во Косово велат дека сѐ уште не е сигурно дали новата влада ќе биде именувана без избор, што е опција за која велат дека е предвидена со Уставот, или ќе бидат објавени нови избори, што е поверојатно, со оглед на тоа што се мали шансите коалициските партнери да се согласат за името на новиот премиер, пишува „Зери“.
Приштинска „Коха“ наведува дека Тачи не планира да донесе каква било одлука за избори додека не се одржат интерните избори во неговата Демократска партија на Косово, кои се закажани за 3 август.