Могерини заврши со (не)успешната политика за Западен Балкан

918

Федерика Могерини имаше проштална средба со лидерите на Западен Балкан. Завчерашната средба во Брисел се реализира во моментот кога проширувањето на Европската Унија и европските перспективи на овие земји од Балканот се на најниското скалило во последните 20 години, коментираат политичките аналитичари.
Милена Лазаревиќ од Центарот за европска политика, во изјава за РТС, вели дека во последно време прашањето за проширување на ЕУ се разгледува од различни агли, кога се водат разговори на највисоко ниво, а во исто време се случува противењето на Франција за почнување на преговорите со Македонија и со Албанија.
– Дали ова ќе доведе до блокада на процесот на проширување најмногу зависи од проактивноста на државите-членки што го поддржуваат процесот на проширување, како што е Германија, но и од земјите од Западен Балкан колку ќе бидат способни да се претстават во најдобро светло – вели Лазараевиќ.

Следното проширување на ЕУ не е на повидок и сега поради бавниот и неизвесен процес на пристапување, во замена за полноправно членство, на Србија може да ѝ биде понуден пристап до Европскиот економски простор, со соодветна финансиска поддршка.
– Ова не е кредибилен предлог. Потребно е на овие држави да им се понуди политичка, а не само економска рамка за продолжување на реформите – истакнува Лазаревиќ.

„Дојче веле“ потсетува на изјавата на Федерика Могерини, која по поднесувањето на извештајот во Европскиот парламент, во април годинава оцени дека политиката на проширување беше една од успешните приказни во текот на петте години од нејзиниот мандат на чело на дипломатијата на ЕУ.

Дописниците на западнобалканските медиуми стационирани во Брисел велат дека постои голем „расчекор меѓу зборовите и делата“ и дека високата претставничка во заминување тешко може да се пофали со некој друг резултат освен декларативно залагање за приближување на Западен Балкан кон ЕУ.

– Босна и Херцеговина не стигна ни до кандидатски статус, дијалогот Белград – Приштина е во ќор-сокак, Србија и Црна Гора не напредуваат во преговорите, а Македонија и Албанија немаат зелено светло ни за почеток на преговори – вели дописникот на РТВ Србија, Душан Гајиќ.

Бриселската дописничка на РТВ Косово, Ѓераќина Тухина, смета дека и самата Могерини не беше цврста во принципите кога е во прашање политиката кон регионот, а особено за дијалогот Белград – Приштина, во кој посредуваше.
Тухина заклучува дека високата претставничка му сврте грб на дијалогот кога сфати дека конечното решение нема да биде можно во нејзиниот мандат.