Мнозинството Хрвати против воведување на еврото

150

Граѓаните во Хрватска се загрижени од воведувањето на еврото, поради можноста тоа да предизвика општ пораст на цените

Мнозинството Хрвати се против воведување заедничка европска валута наместо сегашната куна. Хрватската радио-телевизија ги објави резултатите од анкетата во која 53,4 отсто од испитаниците се противат на влегувањето во еврозоната. Заедничката европска валута би ја прифатиле 39,3 отсто, а неопределени се 7,3 отсто од анкетираните Хрвати. Ако се гледа преку политичката ориентација на анкетираните, 48,8 отсто од граѓаните што гласаат за ХДЗ се за еврото, а против се 46,3 отсто. Над половината, односно 56,3 отсто гласачи за опозициската СДП се против влегување во еврозоната, а „за“ се 38,4 отсто.

Хрватската куна наскоро би можела да замине во историјата, а за Хрватска како најмлада членка на Европската Унија како најран термин за преземање на еврото како платежна единица е почетокот на 2024 година. Оптимистичките прогнози на хрватската влада се дека тоа ќе се случи во 2022 година.

Хрватска првите чекори ги направи со донесување на Стратегијата за воведување на еврото како службена валута, како и за основање посебно тело на државно ниво. Во стратегијата се дефинирани критериумите за номиналната конвергенција (висина на фискалниот дефицит, движење и висина на јавниот долг, движење на цените и каматните стапки), како и критериумите за реалната конвергенција (динамиката и брзината на приближувањето на висината на доходот во Хрватска до просечниот доход во ЕУ). Како услов се поставува и утврдување на фиксниот курс на еврото и куната во период од две години.

Граѓаните во Хрватска се загрижени од воведувањето на еврото, поради можноста тоа да предизвика општ пораст на цените. Од владата на премиерот Андреј Пленковиќ и некои економисти изјавуваат дека таквиот страв е неоправдан и ги наведуваат примерите на земјите што поминале низ процесот на конверзија на националната валута во евро.

Економскиот аналитичар Дамир Новотни посочува на досегашната практика во земјата на искажување на вредноста на некои производи и услуги да се прави во евра, а потоа да се прикажат и во куни, според соодветниот курс на Народната банка на Хрватска. Ова се прави при прометот на недвижности, купувањето автомобили и искажувањето на казните. Згора на ова, и цените на туристичките услуги се искажуваат во евра, а тоа се прави и за земјоделските производи.

– Поради реалното поврзување на куната и еврото, во Хрватска инфлацијата е на ниво на еврозоната. Значи, нема опасност од зголемување на цените по влегување во еврозоната – објаснува Новотни.

Искуствата на сите земји што пристапиле кон Европската монетарна унија се позитивни. Ниту Грција, која во врвот на должничката криза размислуваше за напуштање на еврозоната, нема негативно искуство со користење на еврото.

Популистичките движења во Италија, Унгарија и во Хрватска сметаат дека еврозоната е крута рамка за националните монетарни политики, а печатењето на националните валути ќе ги реши домашните и надворешните долгови со дополнителна емисија на сопствените парични единици.

– Страв од поскапување постоеше и во Словенија, но тоа не се случи по воведување на еврото. Имаше одредени корекции на одредени производи, но општото ниво на цени остана непроменето – вели Мојмир Мрак, професор на Економскиот факултет во Љубљана.