Младите би учеле и би работеле за пристојна плата

91

Сѐ повеќе млади луѓе во Бугарија сакаат да работат додека учат, а првото работно искуство им е во услужната дејност. Бугарија се наоѓа на дното на европското рангирање според бројот на млади луѓе што ниту се образоваат ниту работат. Една нова студија покажува дека само 20 отсто од младите луѓе во земјата помеѓу 18 и 24 години имаат работа, објави „Нова“.

Младите најмногу бараат информации за вработување на Интернет. Од нив, 80 отсто им веруваат на податоците за вработување што се објавуваат на социјалните мрежи, а 20 отсто се потпираат на информациите од бироата за вработувања.

Причина за ниската вработеност на младите не е недостигот од желба да се работи туку недостигот од информации, велат експертите.

– Околу 90 отсто од анкетираните млади лица во Бугарија одговориле дека ќе работат со скратено работно време во текот на нивното образование. Сепак, својата прва работа, младите најчесто ја добиваат на нискоквалификувани позиции – вели Кристина Канева од агенцијата за онлајн-истражување.

Главен мотив за вработување на младите е висината на платата, а само десет отсто од нив се изјасниле дека ја избираат работата за да стекнат искуство и знаење.