Мејл-афера за „Агрокор“: „бесплатни“ советници наплатиле милиони

590

Во објавените мејлови на министерката за економија се дознава како се договарало вонинституционалното пишување на посебниот закон за спасување на „Агрокор“

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се соочува со нов скандал поврзан со „Агрокор“ откако „Индекс“ ја објави содржината на мејловите што ги испраќала министерката за економија Мартина Далиќ, со кои се договарало пишувањето на Лекс Агрокор. Спорното во оваа електронска преписка е тоа што изборот на консултанти за пишувањето на „санациската“ програма за најголемата компанија во Хрватска, која се соочува со големи финансиски тешкотии, е правено на нетранспарентен начин. Министерката тогаш изјави дека консултантските фирми и економски советници биле ангажирани бесплатно, за подоцна тие да бидат ангажирани како професионални соработници, за што од компанијата биле извлечени огромни финансиски средства.
Сознанијата во најновата мејл-афера беа пренесени од сите водечки медиуми во земјата, информирајќи дека на сметките на фирмите блиски на министерката Далиќ се слеале повеќе од половина милијарда куни.

Премиерот Андреј Пленковиќ не гледа ништо спорно во работата на министерката, за што објасни дека зад носењето на посебниот закон стои Владата на Хрватска.
– Имавме малку време за дејствување, а на „Агрокор“ му се закануваше стечај. Од ова можеше да бидат засегнати и многу други компании. Имавме неколку опции: да кажеме дека ова е слободен пазар и да не преземеме ништо и да прогласиме национализација над компанијата, за што сметавме дека не е соодветно решение. Се одлучивме да направиме нова законска рамка и успеавме во тоа – изјави Пленковиќ.
Политикологот и професор Жарко Пуховски, во коментар за РТЛ, за најновата мејл-афера во Хрватска вели дека ова не е удар за премиерот, ни за министерката Далиќ.
– Ова ги покажува непрофесионалноста и нетранспарентноста. Тоа е нешто што го знаевме за Владата и тука нема ништо ново. Единствен проблем не е тоа што таа договарала закон со некои луѓе, или работна група, туку тоа што имињата не беа познати и по донесувањето на законот за да се спречи истите луѓе да добијат огромни суми пари за санирање на состојбата во компанијата. Поради тоа тие не можат да бидат соработници – вели Пуховски.

Овде, според него, станува збор за судир на интереси и казнено дело.
– Криминалот почнал кога им се дозволи на истите луѓе да извлекуваат милиони куни како управители. Единствената работа што министерката ја направи погрешно е што изјави дека консултантите се ангажираат бесплатно, а потоа дозволи за своите услуги да наплатат многукратно. Тоа е фундаментална грешка. Сепак, рејтингот на Владата не зависи од „Агрокор“ и новата афера. Доколку дојде до спогодување меѓу доверителите и буџетот не биде оштетен, објективно Пленковиќ ќе биде победник. Министерката Далиќ повеќе ќе нема некоја политичка кариера и ќе ѝ се дозволи да замине и да биде прва гувернерка. Но ако се доживее неуспех од примената на законот за „Агрокор“ до 10 јуни, тогаш сето тоа оди на сметка на премиерот – вели Пуховски.