Меѓу рускиот чекан и турската наковална

780

Позицијата на Босна и Херцеговина во геополитичка смисла на Балканот во светло на глобалните превирања може да се опише како позиција меѓу рускиот чекан и турската наковална. БиХ е полигон за тестирање на геополитичките желби на кој светските сили покажуваат што се подготвени да направат. Аналитичарите се согласни дека руското влијание во БиХ е јасно видливо, а тоа го потврди и последната посета на руската официјална претставничка Валентина Матвијенко, претседателка на Советот на Федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација.

Матвијенко предизвика благ скандал во текот на својата посета на Сараево така што изјави дека во БиХ се водела граѓанска војна, а отворено истапи против американската надворешна политика што се води на Балканот, во Бања Лука настапи без обележјата на државата на БиХ. Таа со задоволство говореше за соработката меѓу Русија и Република Српска, со што на овој ентитет му даде државен епитет, се забележува во анализата објавена на порталот „Кликс“.

Актуелната власт во Република Српска во голема мера ја користи атмосферата на проруска ориентација и тоа го прави вешто во пресрет на предизборната кампања.
– Овде, за жал, најмалку има држава, овде има етничка политика и секоја политика има свои партнери што имаат свои краткорочни цели. Луѓето што нѐ водат за себе ја презедоа задачата БиХ, која претставува објект, а не субјект во меѓународните односи, да ја направат уште повеќе паричка за поткусурување. Овде може да доаѓа кој сака и што сака, затоа што има барем една страна што му го овозможува тоа, а со намера да им се наштети на втората или на третата страна – вели политичкиот аналитичар Аднан Хускиќ.
Тој смета дека руското влијание во БиХ е многу посилно од порано, но не е ни приближно како што тоа е во Србија.

– Сепак, овде руското влијание многу повеќе се посакува. Пред сѐ мислам на претседателот на РС Милорад Додик, кој на овој начин, преку поддршката од Путин и од Русија, го бара својот легитимитет. За Додик е важно на изборите да се слушне дека тој е истурен играч на Русија. На терен практично Додик целата нафтена индустрија ѝ ја предаде речиси без пари на Русија, а со Путин се состанува некаде во ходниците – нагласува Хускиќ.
Во меѓувреме турските медиуми најавуваат дека претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ќе ја посети БиХ на 20 мај, а се најавува и голем политички митинг за турската дијаспора. Ако се оствари ова, ќе биде индикативно тоа што БиХ обезбедува простор за партијата на Ердоган да одржи политички собир, по забраните во Германија и во Австрија.

– Односот на одредени структури во БиХ кон Турција се сведоа на донирање половни автобуси, наместо да се пристапи стратегиски. Генерално во турскиот политички наратив Бошњаците играат важна улога и затоа најавената посета на Ердоган оди во корист на предизборната кампања во Турција. Исто така, оваа посета добро ќе им дојде и на некои структури во БиХ непосредно пред октомвриските избори. На тој начин, добиваат двете страни – смета Хускиќ.