Мерките на државите против ширењето на вирусот личат на класични шпионски методи

194
Фото: Игор Бансколиев

Користењето здравствени податоци за следење на заразата и за заштита на граѓаните стана една од централните проблематики во пандемијата на коронавирусот. Во голем број земји, ограничувањето на движењето е дополнето со употреба на надзор, што во некои случаи доведе до нарушување на приватноста. Од една страна, следењето на контактите и собирањето епидемиолошки податоци може да бидат корисни инструменти за владите и за здравствените институции, но прекумерното дискрециско право, од друга страна, може да ги загрози основните човекови права и слободи, а во одредени земји да претставува и закана за демократската стабилност

Надзорот над граѓаните на Балканот за следење на пандемијата на корона навлегува во забранета зона

Мерките за запирање на пандемијата, усвоени од страна на некои балкански држави, ја зголемија сомничавоста кај здруженијата и истражувачите што се занимаваат со човековите права и приватноста на граѓаните. Некои мерки на државите, во услови на вонредни околности, отстапуваат од националните закони, но не би смеело да се претворат во алатки за масовен надзор.

Апликациите за следење на заразата не се единствен проблем

Во текот на последниве неколку недели, мноштво различни здруженија што се фокусирани на дигиталните права истакнаа дека тековната вонредна состојба никако не треба да стане изговор за воведување постојана контрола врз населението.
Моментално голем дел од медиумското внимание е насочен кон апликациите за следење контакти. Сепак, овие апликации, чија ефикасност се оспорува, не се единствените што креираат проблеми во однос на приватноста и заштитата на личните податоци. Европскиот одбор за заштита на податоци (ЕДПБ), независна европска агенција за почитување на законите што се однесуваат токму на заштита на личните податоци, неодамна ја истакна важноста од меѓународна размена на здравствени податоци, користени за истражувачки цели.

Има и такви што прашуваат дали европската Општа регулатива за заштита на податоците (ГДПР) би можела да биде пречка во оваа ситуација и дали е можно барем „привремено да биде заобиколена“.
Одговорот на ЕДПБ е дека оваа регулатива не спречува соработка помеѓу државите кога се работи за научни истражувања – на пример, во однос на вакцината. Исто така, регулативата овозможува пренос на податоци и надвор од европската економска област. Во вакви случаи, ЕДПБ препорачува носење решенија што ги гарантираат фундаменталните права на засегнатите субјекти, но препораките се едно, а реалноста сосема друго.

Каква е актуелната ситуација во одделните балкански држави

Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ во изминативе недели излезе со некои доста контроверзни изјави. На пример, тој рече дека се следат телефоните на граѓаните, вклучувајќи ги и оние од ризичните земји, особено Италија. Ваквата изјава доведе до конфузија во врска со правната основа на наведената постапка. На 26 март, на страницата на српското министерство за здравство беа јавно објавени податоците на двајца пациенти што починале од ковид-19 (иницијалите, полот, датумот на раѓање, името на болницата и некои други општи клинички податоци). Се работи за проблематична одлука, со оглед дека може да води кон идентификација на починатите.

На 20 април фондацијата ШЕР обелодени дека лозинката на „Информациски систем ковид-19“, централизиран систем што ги собира сите податоци за набљудуваните лица, осум дена беше јавно достапна за очите на јавноста. Ова беше откриено по основното пребарување на Гугл од страна на ШЕР, кое се случи на 17 април (лозинката била видлива од 9 април). Проблемот беше решен веднаш откако беа алармирани властите во земјата.
„Здравствените установи имаат обврска да назначат лице одговорно за заштита на личните податоци, но поради недостиг од ресурси, овие позиции често ги пополнуваат личности без соодветна обука и чија стручност се однесува на некое сосема друго поле“, изјавија од ШЕР
Освен тоа, фондацијата откри дека за секоја здравствена институција постои само еден профил на корисник, па на тој начин се оневозможи утврдувањето директна одговорност за стореното. На 8 мај, српскиот парламент изгласа престанок на вонредната состојба што беше во сила од 15 март. Причина за оваа одлука беше намалениот број на потврдени случаи на ковид-19.

Босна и Херцеговина

Владата во Босна и Херцеговина почна со агресивна политика на казни за оние што ги прекршуваат карантинските мерки. На 24 март беше објавен јавен список на луѓе што не се придржувале кон наредбата за самоизолација. Списоци од ваков вид (кои содржат имиња и градови на засегнати индивидуи) сѐ уште се објавуваат во БиХ, и покрај тоа што националните установи за заштита на лични податоци постојано ги дефинираат ваквите практики како целосно нелегални.

Хрватска

Кон крајот на март, Владата на Хрватска предложи измена во Законот за електронска комуникација, која се однесува на можноста властите да побараат геолокациски податоци од телефонските компании. Овој предлог предизвика загриженост заради нејасноста и недоволната заштита на приватноста. Текстот на предлогот не одредуваше кој точно може да биде следен и колку може да трае самото следење. Исто така, нејасно беше што би направиле надлежните со податоците и како би било информирано лицето дека е следено. Предлогот беше суспендиран откако претседателот на парламентот Горан Јандроковиќ, побара да се изјасни Уставниот суд. Одговорот од судиите стигна пред неколку дена, а во него стоеше дека парламентот не е овластен да бара мислење од Уставниот суд и, сходно на тоа, треба да продолжи со својата законодавна работа.

Судот исто така најави дека ќе интервенира со пресуда само ако подоцна се појават дилеми за уставноста на законските измени.
Друг значаен настан во Хрватска беше појавата на веб-страницата „Самоизолација.хр“, која на своите корисници им овозможуваше анонимно да ги пријавуваат поединците што ја нарушиле уредбата за домашна изолација, ветувајќи дека извештаите ќе бидат испраќани директно во Министерството за внатрешни работи. Набргу по објавувањето, страницата беше отстранета.

Црна Гора

Во последните денови од март, црногорската влада на Твитер објави веб-страница со имиња на луѓето што се во карантин. И оваа страница подоцна беше отстранета, иако сѐ уште постои во архивата на интернет. Голем број организации за заштита на правата ја изразија својата загриженост поради оваа и други владини одлуки, сметајќи дека постои можност да се злоупотреби сегашнава ситуација, за и понатаму да се лимитираат слободите на граѓаните, дури и по завршувањето на пандемијата. Софија Тодоровиќ, проектна координаторка во БИРН, не можеше да потврди дека отстранувањето на страницата се должи на реакциите од страна на граѓанското општество.

Анкетната комисија има доставено низа прашања до Владата и во моментов чека официјални објаснувања. Како и да е, владините активности веќе резултираа со сериозни последици. Постои веб-страница што овозможува нејзините корисници да ги лоцираат лицата во самоизолација, што претставува директна демонстрација на ризиците поврзани со невнимателно ракување со чувствителни податоци.
Координаторот на невладината Граѓанска алијанса, Зоран Вујичиќ, изјави дека луѓето на социјалните медиуми имаат тенденција да дискутираат за поединци што се ставени во изолација, дури и кога ниедно од правилата не е прекршено. Секако, ова придонесува за зголемена стигматизација во општеството.

Македонија

Македонија се истакна како лидер на Балканот кога станува збор за развој на апликации за следење на контактите на заболените лица. Апликацијата „Стопкорона!“ беше достапна за симнување веќе од 13 април. Според креаторите (скопската компанија „Некстсенс“), апликацијата е создадена врз база на блутут-конекции и децентрализиран систем за собирање податоци.
Оние што се позитивни на тестот за ковид-19 може да го објават тоа преку апликацијата, информирајќи ги на тој начин сите корисници со кои биле во скорашен контакт. Дури потоа податоците се испраќаат до „безбеден сервер во Министерството за здравство“, објаснува министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.

„Ниту еден друг корисник на апликацијата нема да има пристап до телефонските броеви, ниту пак ќе се складираат други лични податоци.“
На 28 април, Владата побара од министерот за здравство да формира работна група од независни експерти, која ќе го анализира кодот на „Стопкорона!“, за да се добие верификација дека кодот е во согласност со доменот на апликацијата и дека безбедноста на граѓаните е строго загарантирана.

Откако ќе бидат воспоставени безбедносните мерки – враќањето на процесот во нормала е исклучително тешко

Многумина се плашат дека она што се случи со нуклеарното оружје, може да се повтори и со мерките за справување со коронавирусот. Како што објаснува Марина Фаваро во списанието „Аутрајдер“, „тековните и идните непознати закани за светската безбедност бараат вонредни мерки“. Овие мерки вообичаено се во спротивност со општествените норми и правила. Имено, тие резултираат со огромни трошоци за вооружување, наместо инвестирање во другите јавни добра, како здравството на пример. Резултат на мерките е и можноста за постојани закани за масовно насилство врз цивили. Нуклеарното оружје толку многу се поврзува со националната безбедност, што поборниците за нуклеарно разоружување лесно може да се прикажат себеси како борци за безбедност, прикажувајќи ги своите опоненти како безбедносна закана.

Терминот што се користи за да се објасни ваквиот процес е наречен „создавање безбедност“. Сепак, се појавува огромен проблем еднаш откако безбедносните мерки ќе бидат воспоставени – враќањето на процесот во нормала е исклучително тешко.
По завршетокот на Студената војна, почна долготраен процес на разоружување, кој никогаш не заврши. Постојат стравувања дека нешто слично може да се случи и со коронавирусот или, пак, веќе се случува.

„Ако вонредните мерки, како што е распространетиот надзор, не се укинат со завршувањето на вонредната состојба, тогаш тие ќе станат составен дел од новата нормалност“, пишува Фаваро.
„Во случај ова со ковид-19 да е навистина војна, тогаш мораме веќе сега да го планираме враќањето кон редовна состојба. Неопходно е прашањето да го извадиме од сферата на безбедноста и да го вратиме во доменот на соодветна демократска дебата.“

(Преведено од порталот https://www.balcanicaucaso.org. Опремата на текстот е редакциска)