Меркел се обидува да го спаси дијалогот Белград – Приштина

686

Европа ги вложува последните напори да го оживее дијалогот помеѓу Белград и Приштина и да ги спаси шансите за наоѓање решение за Косово. Еден од таквите чекори е потегот на германската канцеларка Ангела Меркел, која ги испрати своите советници во Приштина и во Белград за да се обидат да ги одоброволат двете страни.

Јан Хекер, најважниот надворешнополитички советник на германската канцеларка Ангела Меркел, и Матиас Литенберг, нејзиниот советник за Балканот, ги посетија Приштина и Белград, во обид да најдат начин за смирување на тензиите и враќање на двете страни на преговарачка маса, но се чини дека нивните напори не дадоа плод.

– Станува збор за двајцата најблиски, но и најмоќни советници на Меркел.

Канцеларката ги испрати како луѓе од најголема доверба да извршат притисок врз Приштина да ги повлече неприфатливите мерки и дијалогот повторно да се активира – вели извор на весникот „Блиц“, притоа додавајќи дека станува збор за решавачки состанок што би можел да доведе до одмрзнување на дијалогот. Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со советниците на Меркел изјави дека не очекува Приштина да ги повлече мерките што претходно ги воведе за Србија и БиХ.

– Не сме поблиску до договор со Приштина, бидејќи со неа не преговараат Германците, туку ние – рече Вучиќ по средбата со советниците на Меркел.

Тие претходно во Приштина од тамошните власти побарале Косово да ги укине таксите за производите од Србија и од БиХ, за да се одмрзне дијалогот со Белград. Ваквите повици ниту таму не резултираа со некакво поместување во насока на смирување на тензиите, а косовскиот премиер Рамуш Харадинај уште еднаш повтори дека таксите остануваат.

Весникот „Коха“, повикувајќи се на анонимен соговорник, пишува дека ставот на Германија во врска со постигнувањето сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина е непроменет, односно дека Берлин нема да поддржи промена на границите на Косово.
На посетата на германските претставници во Приштина ѝ претходеше посета на високиот претставник на САД, Дејвид Хојл, кој исто така побара Косово да ги укине таксите за производите од Србија и од БиХ.

Последната рунда од преговорите меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската Унија беше одржана во ноември минатата година, а потоа дојде до заладување на односите меѓу двете страни. Косовските власти го обвинија Белград за опструкции при нивниот обид да се зачленат во Интерпол, по што одговорија со воведување царини од 100 отсто на производите што влегуваат во Косово од Србија и од Босна и Херцеговина.

Состојбата дополнително се влоши со формирањето на војската на Косово, а кулминира со усвојувањето на платформата за дијалогот со Белград, минатата недела од страна на косовскиот парламент, што значеше и губење на секаква шанса за продолжување на дијалогот.


Вучиќ: Да го послушавме Ќосиќ за Косово, сега ќе бевме во ЕУ

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека ако во минатото ја прифателе идејата на починатиот академик и прв претседател на Сојузна Република Југославија во периодот 1992-1993 година, Добрица Ќосиќ, за разграничување како решение за Косово и Метохија, Србија денеска ќе била членка на ЕУ.
– Да прифатевме кога Ќосиќ првпат го понуди тоа, денес ќе бевме членка на ЕУ. Денес со сигурност ќе можев да кажам дека „Фолксваген“ ќе дојде кај нас, вака шансите ни се мали во споредба со земјите од ЕУ, бидејќи не сме членка, згора на тоа имаме и проблем со Косово – рече Вучиќ.