Меркел бара алтернатива за Александар Вучиќ

1563

Германската канцеларка Ангела Меркел упатила покана до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за средба во Њујорк во текот на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации. Најзначајна тема на средбата ќе биде перспективата на дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој беше прекинат поради распуштањето на косовската влада.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, во пресрет на настаните што следуваат и одржувањето на изборите на Косово на 6 октомври, изјави дека Србија ја чека многу тешка есен за прашањето за Косово. Коментирајќи ја одлуката на приштинските власти за претстојните избори, граѓаните да можат да гласаат само со косовски документи, Вучиќ рече дека тоа е обид да се исфрлат од 3.500 до 4.000 гласа за Српската листа.

– Намерата е да се покаже дека Белград не се прашува за ништо. Тие имаат три свои листи меѓу Србите, па да покажат дека се добри кон нив сѐ додека не се добие меѓународно признавање. Потоа ќе ја свртат политиката во смисла дека ги загрозуваат нивните интереси ако Србите се повеќе од пет отсто – изјави Вучиќ на последното гостување на телевизија „Пинк“.

„Дојче веле“, по најновите заладувања на односите на релацијата Белград и Приштина, излезе со текст во кој се посочува дека со зачестените посети на српската премиерка Ана Брнабиќ на Германија, официјален Берлин, односно канцеларката Ангела Меркел се обидува да најде алтернатива за Вучиќ, кој не си го одржа ветувањето. Брнабиќ неделава оствари прва официјална посета на Берлин. На прес-конференцијата по средбата, Брнабиќ само објасни дека германската страна не се изјаснувала за евентуално попуштање кога е во прашање решението што би се засновало на разграничување.

Фактот дека Брнабиќ во премиерна посета доаѓа две години по именувањето е необичен само на прв поглед. Некои аналитичари проценуваат дека тајната на таа „доцна посета“ лежи во односот на канцеларката кон српскиот претседател Александар Вучиќ. Долгогодишниот дописник на германската новинска агенција ДПА од Белград, Томас Бреј, пред средбата за ДВ оцени дека Меркел во премиерката Брнабиќ бара алтернатива за дијалогот со Вучиќ.

– Вучиќ не го заврши својот дел од премолчениот договор меѓу Белград и Западот, а односите меѓу Србија и Косово не ги доведе на посакуваното ниво, додека, за возврат, Западот премолчуваше за катастрофалната состојба во правосудството. Според медиумите во Србија, затоа што Вучиќ не го исполни својот дел од договорот, Меркел сега бара алтернатива во директен дијалог со премиерката Брнабиќ – вели Бреј.
Во меѓувреме, претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, изјави дека неговата партија има план за решението за конфликтот на Косово и Метохија, а тоа е помирување со албанскиот народ. Но тој план предвидува во власта на Србија да нема место за Александар Вучиќ, како и од косовската политика да заминат Рамуш Харадинај и Хашим Тачи.