Меката моќ е сепак силна форма на моќ

315

Не треба да се биде наивен. Меката моќ, како форма на моќ, претставува средство да се постигне саканиот резултат. Како форма на моќ, таа не е ограничена само на држави или на меѓународни односи. Влијателни невладини организации, меѓународни и национални институции користат мека моќ, ја користат и поединци и личности, но и терористички организации. Што всушност претставува т.н. мека моќ?

„Мека моќ“ е академски поим што го разви американскиот политиколог Џозеф Нај, за време на расправите за американската моќ кон крајот на дваесеттиот век. Терминот е прифатен и во политиката и во меѓучовечките односи. Меката моќ е форма на моќ, па затоа може да се користи како за добри, така и за лоши цели, впрочем, како и другите форми на моќ. Меката моќ, како форма на моќ, претставува средство да се постигне саканиот резултат. Таа не е ограничена само на држави или на меѓународни односи. Влијателни невладини организации, меѓународни и национални институции користат мека моќ, но ја користат и терористички организации, дури и славни личности од светот. Меката моќ се базира на три основни ресурси и тоа на културата на државата, на политичките вредности, како и на надворешната политика. Како за пример, културата е многу важен ресурс на моќ, со оглед на фактот што некои нејзини аспекти се универзални, некои национални, а некои поврзани со индивидуални социјални класи или групи. Сликовито кажано, културната привлечност на западните земји, особено на САД е широко прифатена во целиот свет. Американските филмови, серии, книжевност, музика, уметност, животниот стил – влијаат на милијарди луѓе, особено на младите луѓе од други држави. Меката моќ е помалку ризична за примена од воената или од економската, како повеќе позната моќ или т.н. тврда моќ.

– Тврдата моќ ја одредува меката, која е променлива и недофатлива. Тешко дека ќе исплетеме прекрасна тантела на мека моќ ако немаме тврда – вели д-р Драган Симиќ, професор на факултетот за политички науки од Белград.

Постојат повеќе аспекти во однос на практикувањето на меката моќ. Првиот е поврзан со привлечноста или непривлечноста и зависи како од квалитетот на „актерот“ што го изведува тоа привлекување, така и од самата цел, која го набљудува однесувањето на актерот. Доколку на целта ѝ се допаѓаат позитивните особини на актерот, какви што се неговите идеали, вредности и визијата за иднината, тогаш постои поголема шанса за привлекување на целта. Вториот аспект е убедувањето, кое е тесно поврзано со привлекувањето. Се остварува со употреба на аргументи што дејствуваат врз целта и вклучува одреден степен на манипулација, која мора да се прикрие што е можно подобро.

– Моќта постои кога е извесно дека таа може да се примени. Големите сили мора да војуваат, зашто ако не го прават тоа, нивната моќ ќе спласне – истакнува професорот Симиќ.

Тој нагласи и дека бранот неолиберална глобализација го редефинира начинот на кој се однесуваат државите. Еве еден специфичен пример. Извор на привлекување може да биде и добро организирана и опремена армија. Низ историјата, а и во овие модерни времиња, лидерите на одредени држави својата мека моќ ја ширеле со прикажување на својата воена сила и со негување на култот на непобедливост. Ефикасната примена на меката моќ вклучува не само култура, политички вредности, надворешна политика, туку и електронски и печатени медиуми, социјалните мрежи итн. Истите тие се обликуваат во посебни видови, како што се дипломатија, национални разузнавачки служби и новински агенции, кои претставуваат конкретни политички алатки..

– Меката моќ е сѐ позначајна. Како што во меѓучовечките односи физичката сила не е толку важна како што се образованието и информираноста, така и на ниво на корпорации, држави и наднационални институции, меката моќ има сѐ поголема важност. Јавната дипломатија е исто така дефинитивно инструмент на меката моќ. До неодамна само развиените земји се занимаваа со јавна дипломатија, поради тоа што беше скапа и луксузна активност. Со појавата на информатичките технологии и новите медиуми, таа станува достапна и за посиромашните земји – додава експертот Путре Јаковљевиќ.

Она што се случува со социјалните мрежи е феномен пар екселанс што се однесува до практикувањето на меката моќ. На пример, Фејсбук како исклучително силна алатка на меката моќ има елементи на мудра стратегија, вешто водство за да се постигне саканиот резултат, особено ако се има предвид големата веројатност дека податоците и информациите биле користени од одреден докажан центар на моќ. Користењето на социјалните мрежи (Фејсбук) во согласност со „мудрата стратегија“ на одредена држава, може исклучително да влијае дури на одредени влади на држави да променат одреден став кон нештата. Сепак, често е неопходно да се вложат и години за постигнување на одредената цел, но цената за да се постигнат таквите цели сепак е помала од влијанието на тврдата моќ (војна или слично). Резултатите се во последно време, очигледно многу видливи.