Медицинските сестри бараат две минимални плати

118

Бугарија

Медицинските сестри кои се вработени во регионалната болница во Видин вчера организираа едночасовен прекин на работата во знак на незадоволство од кризата во здравствениот систем во Бугарија. Основните барања кои беа искажани на протестот се зголемување на основната плата во висина на две минимални загарантирани плати, како и укинување на акционерските друштва во медицинските институции.

– Работиме на две работни места за да можеме да ги прехраниме семејствата. За да преживеат некои колешки се принудени да ја напуштат Бугарија и да бараат подобро платена работа во странство – велат медицинските сестри од Видин.

Поради одливот на професионален кадар во болниците во Бугарија се чувствува недостиг од медицински персонал. Медицинските сестри физички се исцрпени од преголемата работа во болниците. Лошите работни услови во болниците ја заострија комуникацијата меѓу министерот за здравство Кирил Ананиев и обдусманот Маја Манолева. Министерот за здравство одговори дека државата не може да ја определува висината на платите во акционерските друштва и ја обвини Манолева дека создава хаос со изјавите за поддршка на барањата на медицинските сестри. Таа одговори дека Министерството за здравство може да го смени Законот за акционерски друштва и обвини дека власта ги користи сегашните прописи како им одговара.