„Македонија е грчка“ порачаа Грците

688

Мирно и според очекувањата завршија протестите во Грција „за одбрана на името Македонија и грчкиот карактер на Македонија“. На плоштадот во градот Пела, до споменикот на Александар Велики, се одржа централниот собир, на кој се собраа илјадници граѓани, со грчки знамиња и пораки дека Македонија е грчка. На присутните им се обратија претставници на организаторите, но и свештени лица што го поддржаа протестот.

Меѓу граѓаните беа и лидерот на грчката партија Сојуз на централисти, Василис Левендис и префектот на областа централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас.

Масовно, барем според грчките медиуми, беше и во останатите, вкупно 24 грчки градови каде што се одржаа протестите.

Демонстрациите низ цела Грција, беа во мирна атмосфера, со исклучок на островот Крит, каде што се случи мал инцидент меѓу група анархисти и полицијата, при што беше повреден еден полицаец.

Според локалните медиуми од островот, за време на собирот во градот Хања на Крит, на плоштадот се појавила група анархисти со плакат со антифашистички пораки, но и извикувајќи слогани против протестот. Малку недостигало да се случи инцидент, а по интервенцијата на полицијата со употреба на солзавец, анархистичката група се повлекла, а протестот продолжил.

Според критскиот портал Flashnews, кусо подоцна, во обид да одземе ранец со палки од рацете на анархист, еден полицаец бил од зад грб нападнат со удари во глава, бил полесно повреден, а за инцидентот биле приведени најмалку две лица.