Лидерот на терористичката организација „17 ноември“ пренесен во земјоделски затвор

99

Првиот човек на грчката терористичка организација „17 ноември“, Димитрис Куфодинас, кој е осуден на 11 доживотни затворски казни, утрово на негово барање е префрлен од атинскиот затвор Коридалос, во т.н. земјоделски затвор во Волос.

Станува збор за затвор од отворен тип, каде затворениците имаат поголема слобода на движење, со оглед на тоа дека се распространети на ниви и извршуваат земјоделски работи. Секој поминат ден во овој затвор се брои како еден и пол.

Според грчкиот весник „Катимерини“, со префрлањето, за Куфодинас, може да се намали периодот на издржување на затворската казна и како што сега стојат работите, за две години можно е негово ослободување.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, информацијата за префрлањето на Куфодинас од Атина во Волос, ја откри лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис на Твитер, велејќи дека тоа се случило „тивко и тајно“.

– Господине Ципрас, во време кога Грција жали и граѓаните Ви префрлаат лична одговорност за неспособност, цинизам и прикривање, приоритет е излегувањето во пресрет на серискиот убиец?, праша Мицотакис преку неговиот профил на Твитер.

Со соопштение излезе и Министерството за правда на Грција, објаснувајќи дека префрлањето на Куфодинас не е ниту привилегиран третман, ниту намалување на казната, туку е во рамките на планот за реорганизација на затворите и сите осуденици на доживотна казна, полека да бидат префрлени во земјоделски затвори.