Курти и Мустафа без договор за претседателската функција

55
Иса Мустафа

Преговорите за формирање на новата косовска влада меѓу Самоопределување и Демократскиот сојуз за иднината на Косово заглавија околу распределбата на местото претседател на државата. Лидерот на Демократскиот сојуз Иса Мустафа по секоја цена настојува да го замени Хашим Тачи на местото претседател на Косово, објави српскиот весник „Данас“, повикувајќи се на информации од неименувани западни дипломати.
Албин Курти, лидерот на Самоопределување, останува фаворит за премиерската функција, но преотстапувањето на претседателскиот трон на Мустафа, го условува со тоа што неговата партија би добила повеќе министерски места во новата влада. Но овој предлог на Курти не е прифатлив за тврдата струја во партијата на Иса Мустафа.

Според косовскиот устав, претседателот на државата се избира во парламентот, со двотретинско мнозинство. Курти во повеќе околности изјави дека Тачи ќе биде сменет од оваа функција, како и за тоа дека не сака досегашниот претседател да ја претставува Приштина во преговорите со Белград. Смената на Тачи би значела крај на долгогодишната доминација на приштинската политичка сцена на поранешното раководство на расформираната Ослободителна војска на Косово
Со изборната победа на Самоопределување се заладија и односите меѓу Приштина и Албанија, а како што пишуваат српските медиуми, албанскиот разгранок на движењето на Курти учествува во протестите против албанската влада, но тоа не значи дека отстапиле од идејата за обединување на Косово и Албанија.

Албин Курти на минатонеделниот собир „Балкански дијалози“, кој се одржа во Берлин, постави три услови за продолжување на дијалогот. Тој отворено порача дека не го сака на преговарачка маса српскиот претседател Александар Вучиќ, дека нема да разговара за косовската територија и за нови карти.