Курти: Во ЕУ не може да се случи национално обединување на Албанците

114

Лидерот на Самоопределување и најверојатно иден премиер на Косово, Албин Курти, изјави дека во ЕУ не може да се случи национално обединување на Албанците, но оти може да постои идеја за федерација.

-Косово и Албанија треба да се приближат, интегрираат во идејата за федерација, како Германија, со децентрализирани институции – оцени Курти.

Тој претходно изјави дека нема да брза со продолжувањето на разговорите меѓу Белград и Приштина или да го укине данокот на увоз на стоки од Србија.

Во интервју за „Асошиејтед Прес“, Курти рече дека преговорите во Приштина и Белград нема да бидат неговиот приоритет кога ќе ја преземе функцијата премиер. Тој додаде дека дури и укинувањето на данокот за увоз, кој беше поставен како основен услов за продолжување на преговорите, не може да биде автоматско.
        
-Можеме да го укинеме данокот на увоз само откако ќе се примени принципот на реципроцитет – рече Курти.

Тој прецизираше дека Србија мора да ги исполни сите обврски според 33 договори потпишани од Белград и Приштина, како дел од преговорите во Брисел.
        
-Многу е жално да се види дека Белград не се соочува со сопственото минато – додаде тој.