Криминалци сакале да го ликвидираат црногорскиот специјален обвинител

153

Црногорската полиција уапси припадници на криминална група, кои се осомничени за планирање на убиства на повеќе лица, вклучително и на специјалниот обвинител за организран криминал на Црна Гора, Миливој Катниќ.

Како што објави подгоричкиот весник „Побједа“ повикувајќи се на извори од истрагата, припадниците на групата извесен период го следеле Катниќ и имале сознанија за неговите секојдневни навики.

Групата била формирана пред една година со цел да изврши повеќе кривични дела, вклучително и физички ликвидации на Катниќ, на неколкумина сегашни и поранешни припадници црногорските безбедносни служби, како и на син на еден полициски началник.

Според истражните органи, за убиства на припадниците на Агенцијата за национална безбедност припадниците на групата барале по 500.000 евра, а за ликвидација на останатите лица по 200.000 евра.

„Побједа“ наведува дека доколку ги извршела сите планирани убиства групата ќе заработела пет милиони евра.

Специјалниот обвинител Катниќ досега во неколку наврати изјавуваше дека против него и против Специјалното обвинителство за организиран криминал се води „специјална војна“.