Крадци одземаат возила со вклучен мотор

90

Со почетокот на зимската сезона во Бугарија се вратија кражбите на автомобили, додека нивните сопственици за миг ги оставаат вклучени за да завршат некоја итна работа. Бугарските медиуми деновиве информираат за најмалку две кражби на автомобили во Софија, што во полициската терминологија се познати како „кражби со клуч“.

Крадците го користат секое невнимание на возачите. Во последните случаи, на снимките од видеокамери се гледа како случаен минувач забележува дека возилото е вклучено, додека неговиот сопственик купува баничка. Крадецот се враќа неколку чекори, седнува во возилото и заминува во непознат правец. Во вториот случај, се гледа како возило во движење застанува на коловозната лента и од него излегува патник. Тој влегува во паркираното возило што е во погон, а сопственикот го оставил да се загрее моторот. Крадецот заминува со возилото со голема брзина.

Полицискиот инспектор Пламен Максимов, во изјава за програмата „Здраво Бугарија“, вели дека ваквите кражби на автомобили во зимскиот период се прават во секој момент и насекаде. Крадците го користат невниманието на возачите додека го чистат возилото од снег или мраз.

– Граѓаните ги оставаат возилата со вклучен мотор и за миг исчезнуваат. Крадците се од различна категорија. Тие се наркомани или ситни крадци. Некои и не се регистрирани криминалци. Лани во зимскиот период во Софија биле извршени 16 вакви кривични дела, а од нив биле расчистени четири случаи – вели Максимов.
Тој ги предупреди сопствениците на украдените автомобили дека прават уште една грешка, кога објавуваат на социјалните мрежи дека го бараат возилото со ветување награда, доколку некој даде некоја информација.

– Тие можат да станат жртва на измама. Измамниците ги земаат парите, но никогаш нема да дознаат каде им е автомобилот. Потоа доаѓаат кај нас и се жалат дека се измамени. За наводна информација за украденото возило се плаќаат меѓу 4.000 и 5.000 лева – вели Максимов.