Кој беше Адмир Муратај – „мозокот“ на грабежот во Тирана

2600

Локалните власти го идентификуваа телото на убиениот разбојник, кој синоќа загина во престрелка со полицијата спектакуларниот грабеж на аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана. Станува збор за Адмир Муратај, добро познато лице на властите во Албанија и во Грција, пишува пораталот „Балканвеб“.

Токму Адмир Муратај е маскираното лице кое му пристапило на авионот, и според неофицијални информации, заедно со криминалната група украло 10 милиони евра за три до четири минути, додека 160 патници чекале авионот на „Аустрија ерлјанс“ да полета за Виена.

– Муратај е погоден многу брзо откако групата избегала со парите од аеродромот. Во втората престрелка со полицијата на улицата близу до аеродромот, тој го загубил животот – пишуваат албанските медиуми.

Телото на убиениот разбојник беше препознаено од неговата сопруга и семејството утринава, во локалната мртовечница во Тирана.

Криминалецот Адмир Муратај е многу добро познат на албанската и грчката полиција, поради тоа што тој во 2013 година избегал од затворот во Трикала, Грција, каде што бил обвинет за убиство, кражба и нанесување на телесни повреди. Според грчкото досие, Муратај користел 15 различни имиња за да ги минува границите откако успеал да избега.

Се смета дека токму тој е „мозокот“ на операцијата, а претходно е обвинет за најмалку три сензационални грабежи од кои „заработил“ седум милиони евра. Првиот грабеж за кој е познато дека Муратај го организирал, бил изведен на 3 декември 2015 година, кога тој со неговата група успеал да го отсече обезбедувањето на комбе кое пренесувало пари од банка, по што разбојниците избегале со парите. Вториот негов голем грабеж датира од 9 февруари 2017 година, кога на сличен начин Муратај успешно го спровел разбојништвото. Третото делување на криминалната група, според пишувањата на „Балканвеб“, е од 13 февруари годинава, од банка во близина на поранешната железничката станица во Тирана, кога исто така беше украдена голема сума.