Косовските Срби поделени, но повикуваат на единство

142

Поделеноста меѓу политичарите на српското малцинство на Косово се манифестираше и преку користењето на ликот и делото на еден од најистакнатите политички лидери на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, кој беше убиен во атентат

Во почетокот на кампањата за парламентарните избори на Косово, кои ќе се одржат на шести октомври, се покажа длабоката поделеност на српските политички партии. Идејата да се соберат на една заедничка трибина во Чаглавица, на која ќе бидат изнесени ставовите на сите политички партии и коалиции, не успеа поради одбивањето да учествуваат претставници од Српска листа, која има поддршка од владејачката партија во Србија, предводена од Александар Вучиќ. Поделеноста меѓу политичарите на српското малцинство на Косово се манифестираше и преку користењето на ликот и делото на еден од најистакнатите политички лидери на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, кој беше убиен во атентат пред седиштето на неговата партија во Косовска Митровица.
Името на Ивановиќ стана централна тема во изборната кампања и предмет на политички расправии, и покрај противењето на семејството Ивановиќ да се користи во политички цели. Повод беше настапот на Рада Трајковиќ, една од двајцата независни кандидати од коалицијата „Слобода“, која кампањата ја почна од местото на убиството на Ивановиќ. Таа вети изградба на меморијален центар, кој ќе биде место за собирање на младите Срби на Косово.

По ова следуваше реакција од потпретседателката на граѓанската иницијатива СДП Ксенија Божовиќ, која ѝ забележа на Трајковиќ дека имала големи несогласувања со Ивановиќ. Невенчаната сопруга на Оливер Ивановиќ ги обвини политичарите за собирање евтини политички поени на сѐ уште нерасветленото убиство на нејзиниот партнер и поранешен лидер на ГИ СДП. Но Божовиќ нема заеднички јазик ни со партиските колеги Игор Рајчиќ и Душан Милуновиќ, кои ја исклучија од партијата. Разединувањето меѓу нив се случи кога Божовиќ ненадејно одлучила на претстојните избори да биде дел од Српската листа, која е предводена од напредњаците, со образложение дека на „Србите на КиМ во овие моменти им се потребни единство и поддршка од државата заради опстанок и зачувување на државните и национални интереси“. За Рајчиќ и за Милуновиќ ова претставува „предавство на борците за пронаоѓање на убијците на Оливер Ивановиќ“. На предизборната трибината на српските партии, претставникот на новоформираната коалиција „Слобода“, Ненад Рашиќ, се заложи за иницирање дијалог во кој ќе учествуваат и косовските Срби.
– Првиот столб е институционалното дејствување или јакнење на корпусот на Србите во институциите на Косово, преку дијалог што ќе носи помирување меѓу двата народа – изјави Рашиќ.

Александар Јаблановиќ, претседател на Партијата на косовските Срби од Лепосавиќ, како главни точки на политичко дејствување ги наведе опстанокот на Србите на Косово и борбата против криминалот и корупцијата.
– Првата наша задача по изборите е да се пресметаме со криминалот и корупцијата во нашите редови, затоа што институциите на Косово и во Србија, се заробени од криминалните структури, кои на неформален начин и од неформални центри одлучуваат за сѐ – вели Јаблановиќ.
Зборувајќи за конечниот договор меѓу Белград и Приштина, учесниците на трибината се согласија дека се против каков било договор по етнички линии, што ќе подразбира егзодус на српскиот народ од Косово, пренесува Н1.
– Секоја поделба по етнички принцип е најблаго кажано катастрофа, особено за Србите што живеат јужно од реката Ибар. За жал, две третини од Србите на Косово живеат јужно од реката Ибар, а една третина на северот – вели Слободан Петровиќ од Српската либерална партија.

Учесниците на трибината предупредија и на атмосферата во предизборната кампања, која ја оценија како „загрижувачка“. Беше посочено дека кампањата што ја води Српската листа е агресивна и таа спроведува криминални методи, за што се очекува и реакција од надлежните институции. Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Собранието на Република Србија, Марко Ѓуриќ, вели дека јавниот собир на група српски политички лидери е повик за „отрезнување“ на сите Срби на Косово, кои имаат дилема на изборите на шести октомври, истакнувајќи оти постои и друга опција, освен онаа на Српската листа. Градоначалникот на Грачаница, Срѓан Поповиќ, како претставник на Српската листа, рече дека тие ќе освојат убедлива победа на вонредните парламентарни избори и ќе ги освојат сите десет мандати во косовското собрание.