Косовските пратеници се самораспуштија

43

КОСОВО

Косовскиот парламент вчера се самораспушти, по што се очекува претседателот на државата, Хашим Тачи, да го одреди датумот за одржување предвремени парламентарни избори. За распуштање на парламентот гласале 89 пратеници, еден бил воздржан, двајца гласале против.

Претседателот Тачи, според извори од неговиот кабинет, планира да ги закаже изборите за 6 октомври, а одлуката ќе ја објави утре, или најдоцна в понеделник, на 26 август.
Косовската јавност сега очекува косовскиот претседател Хашим Тачи да постапи според уставните обврски и да ги распише седмите вонредни парламентарни избори на Косово.
Парламентарните партии не ја прифатија иницијативата на Тачи создадениот вакуум да се надмине со избор на нов мандатар. Седницата на која беше распуштен парламентот траеше само 30 минути, откако шефовите на пратеничките групи се изјаснија дека на таа тема нема да расправаат.

Во кратката дебата пред гласањето за распуштање беше кажано дека оваа влада ќе замине во историјата како најобемна, но и како влада чии функционери се соочени со обвиненија, како и дека Владата и претседателот се обиделе да водат неуставен дијалог со Србија и дека политички консензус за дијалогот никогаш не бил постигнат.
По гласањето, поранешниот премиер Рамуш Харадинај изјави дека Косово покажало висока политичка свест и зрелост, а сега сѐ е во рацете на граѓаните, кои ќе одлучат кој ќе ја води земјата во иднина.