Косовската опозиција убедена дека средбата Тачи-Вучиќ пропадна поради нејзиниот притисок

31

Опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) смета дека денешната средба во Брисел меѓу претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, пропадна поради развојот на настаните во косовското Собрание, по барањето на опозицијата за расправа за дијалогот меѓу Приштина и Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Притисокот на опозицијата за усвојување резолуција, со која ќе се запре процесот на пазарење со границите на Косово, испрати сигнал во Брисел дека Тачи не може да расправа на таа тема, се вели во соопштението на ЛДК.

Најголемата косовска опозициска партија порача дека ќе продолжи „силно да се спротивставува на оваа форма на дијалог, со која претседателот го води процесот без мандат од Собранието на Косово“, како и дека „ќе ја спречи секоја институцја да се впушта во авантури со кои може да се загрози територијата, интегритетот и суверенитетот на државата“.

ЛДК уште еднаш ги повика сите парламентарни политички партии да учествуваат на вонредната собраниска седница свикана од опозицијата, со цел да се изгласа резолуција со која ќе му се забрани на Тачи и на кој било друг да преговара за косовската територија.

– Веруваме дека дијалогот е единствената форма за решавање на недоразбирањата со сите земји од регионот, но овој процес треба да го водат инситутции кои се легитимни и имаат јасен уставен мандат, се вели во соопштението на ЛДК, во кое се заклучува дека „единствено нови избори можат да продуцираат такви институции“.