Косово ќе аплицира за членство во Интерпол

577

Зачленувањето на Косово во Интерпол претеставува еден од приоритетите на актуелната косовска Влада и за таа цел се мобилизираат министерствата за изготвување стратегија за лобирање, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменикот-министер за внатрешни работи Изми Зека, во интервју за „Епока е ре“, изјави дека Косово веќе е дел од агендата за гласање на идната сесија на Собранието на Интерпол, што ќе се одржи кон крајот на годинава.

Зека информира дека се работи на широка мобилизација, посебно на министерствата за внатрешни и надворешни работи, за координирање на процесот и изготвување стратегија за зачленување.

Во септември минатата година, на Генералното собрание одржано во Пекинг, Косово најави дека ќе аплицира за членство во Интерпол, но се повлече во последен момент, затоа што не успеа да ги обезбеди потребниот број гласови.