Косово формира и Министерство за одбрана

81

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај свечено ја откри таблата на влезот на новото Министерство за одбрана на Косово, со што симболично го обележи подигнувањето на повисоко ниво на досегашното Министерство за безбедносните сили на Косово (ФСК), јави дописникот на МИА од Приштина.

– Со симболичниот настан на откривањето на таблата со написот Министерство за одбрана, од денеска Косово го формализира својот институционален чадор за најмладата војска на светот – порача Харадинај.

Рустем Бериша, кој од септември 2017 година беше министер за безбедносните сили во Косово, а од денеска е министер за одбрана, изјави дека „денешниот ден е посебен ден за Министерството, за безбедносните сили и за сите граѓани на Косово“.

Тој најави дека транзицијата на безбедносните сили на Косово ќе се одвива постепено и дека се планира да се заврши во наредните десет години.

Министерството за безбедносните сили на Косово прерасна во Министерство за одбрана минатиот месец, кога во косовското собрание беа изгласани трите закони, со кои безбедносните сили на Косово практично се трансформираа во војска на Косово.