Косово со излез на Јадранско Море

460

Косовскиот премиер деновиве го обнови барањето до Владата на Албанија за добивање дел од пристаништето во Драч

Премиерот на Косово Авдулах Хоти побара од својот албански колега Еди Рама дел од пристаништето во Драч, во Албанија, да стане косовско морско пристаниште. Официјална Тирана е подготвена позитивно да одговори на барањето на Приштина да добие излез на море. Покрај економските причини, некои од политичките аналитичари во оваа идеја за преотстапување за користење на дел од едно од најголемите пристаништа на Јадранско Море, препознаваат и симболичен потег на Албанија за обединувањето со Косово.
Живојин Ракочевиќ, новинар и публицист од Косово, за „Спутник“ изјави дека секоја власт во Приштина и во Тирана, по завршувањето на војната, се обидува да пронајде доволно голем симбол, со кој ќе може да се идентификуваат сите Албанци.
– Премиерот Хоти се обиде да произведе нов бесмислен економски симбол и Косово да добие пристаниште и да има излез на море.

Ништо од ова не е природно, оправдано и изводливо, бидејќи како и со што да се обединат двете пропаднати економии. И Албанија кон тоа има големи резерви, а една од причините за пласирањето на оваа вест е да се сврти вниманието од тешките внатрешни проблеми, работата на Специјалниот суд и од сиромаштијата – вели Ракочевиќ.
Соговорникот на „Спутник“ потсетува дека по потпишувањето на Кумановскиот договор, Албанците имале чувство дека е остварено националното единство, а само прашање на време е кога и формално ќе се заокружи албанскиот етнички проект на Балканот. Беа предизвикани и воени конфликти во Македонија и на југот на централна Србија, но тие не ги дадоа очекуваните резултати.
Агим Шахими, претседател на Националната стопанска комора за Албанија и Косово, истакнува дека Хоти не барал ништо ново, туку го повторил ветувањето од Албанија дадено за Косово во 2010 година. Но Косово од албанската држава доби едно пристаниште Шенџин, кое не беше во функција, а Косово немаше средства да инвестира во него.

– Сега има нова влада на Косово, а албанскиот премиер Еди Рама е подготвен на Приштина да ѝ даде економски бенефиции за да се зајакне косовската економија. Косово ги користи пристаништата во Драч, Бар, Солун и во Варна, и преку нив се остварува 90 отсто од увозот. За нас е важно да имаме своја станица за утовар и истовар во пристаништето Драч, преку која би се одвивал целиот трговски промет и приходот да се слева во буџетот на Косово – објаснува Шахими.
Корист од реализацијата на оваа идеја ќе има Србија, затоа што тоа е делот од коридорот на автопатот Драч – Приштина – Ниш. Доколку српските фирми го користат косовскиот дел од пристаништето Драч, тие ќе треба да ги користат царинските печати на косовските органи, но ако не сакаат, тогаш можат да го користат албанскиот дел од пристаништето Драч.
– Со отстапување на дел на пристаништето Драч корист имаат сите страни. Косовските фирми по морски пат можат да ја добиваат стоката, што ќе им ги намали даноците и царините. Албанија на овој начин ќе ги зголеми услугите на постојното пристаниште – вели Шахими.

Шахими не смета дека ова е чекор кон политичка интеграција на Косово во Албанија. И двете земји се насочени кон европска интеграција. Албанија и Косово имаат голема економска можност и преку реализацијата на идејата за мини-шенген, но приштинските власти го одбиваат тоа.
Албанија со Косово во 2019 година потпиша договор со кој косовската царина доби своја филијала во пристаништето во Драч. Рама го смета тоа за прв чекор за создавање царинска унија на Приштина и на Тирана и порача дека пристаништето Драч нема да биде само царина на Албанија, туку и косовска царина.
Пристаништето во Драч е најголемо во Албанија, се простира на површина од околу 80 хектари. Од 2014 г. се рангира како најголемо пристаниште во овој регион, а неколку години е во фаза на модернизација.