Косово го повлече барањето за прием во Интерпол

155

Премиерот во оставка на Косово, Рамуш Харадинај, денеска испрати писмо до Собранието на Интерпол во кое се вели дека Приштина ја повлекува својата апликација за членство во меѓународната полициска организација, објави порталот „Косово онлајн“.

-Имајќи предвид дека изборите за парламентот беа организирани во Косово на 6 октомври, љубезно ве замолувам нашата апликација за членство да биде одложена до следната седница на Генералното собрание на Интерпол – се вели во писмото на Харадинај.

Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, на Фејсбук напиша дека повлекувањето е голема победа за Србија.

-Голема победа на Србија и меѓународното право. Благодарение на работата на делегацијата на Република Србија, апликацијата на т.н. Косово е повлечена непосредно пред почетокот на Генералното собрание на Интерпол во Сантијаго – напиша тој.

Осумдесет и осмото Генерално собрание на Интерпол се одржува во Чиле до 18 октомври, на кое, според претходните најави, една од точките на агендата требаше да биде барањето на Приштина за прием во организацијата.