Короната ја уништи свадбената индустрија

69

Препораките од здравствените власти за ограничување на бројот на гостите беа причина за одложување на многу венчавки во Србија, со што се доведе во прашање опстанокот на многу салони за венчаници, фризерници и за козметички услуги

Сопствениците на салони за венчаници во Србија упатиле барање до Владата да им се помогне финансиски да го пребродат периодот на корона-кризата, поради која се откажани речиси сите планирани венчавки. Иако повеќето од продавниците за свадбена облека се пријавиле за новиот пакет државна помош, многу од нив ставија клуч на врата, затоа што не остваруваат никакви приходи, а фиксните трошоци и натаму се високи. Во незавидна финансиска состојба се и фризрениците и салоните за убавина, кои најголемите приходи ги остварувале од разубавување на невестите и на сватовите. „Свадбената“ индустрија е дополнително погодена и со забраната за собирање повеќе од десет лица и препораките од здравствените власти во наредниот период да не се организираат свадбени веселби.
Јасна Вуковиќ, сопственичка на салон за венчаници, е една од потписничките на петицијата за одобрување државна помош и вели дека сите планирани венчавки за годинава се откажани или се одложени за идната година. Поради тоа им е намален и прометот со изнајмување свадбени костуми и венчаници.

– Нашата дејност е погодена повеќе од угостителската, која не зависи само од организирање свадбени веселби. Оваа година за нас е пропадната, затоа што венчавките главно се одржуваат од мај до октомври. Сега не можеме да ги покриеме ни месеците во зимскиот период – вели Вуковиќ во разговор за „Политика“.
Салоните за венчаници во Србија, кои ги има околу шеесет, не работеа за време на вонредната состојба, поради спречување на ширењето на епидемијата. Месечните расходи се високи, а посебен проблем е што во салоните работат жени, а некои од нив се и самохрани мајки, кои сега остануваат без реални приходи. Сега тие се принудени да егзистираат со помош на родителите.
Прометот во салоните за убавина во Србија е намален за 80 отсто во споредба со периодот пред пандемијата. Мерките од државата со исплата на минималните плати не може да им помогнат во опстојувањето, затоа што трошоците се исти, а обемот на работа е драстично намален. Обврските за придонеси и даноци се одложени за наредната година, но тие не се отпишани.

Претставниците на здруженијата за фризери, во изјава за „Новости“, велат дека секој петти салон работи на црно, а од кризата може да испливаат само големите фризерници, додека оние помалите ќе мора да затворат.
– Ова е голем удар за нас. Најмногу ќе ни помогне целосно отпишување на даноците и придонесите во текот на вонредната состојба, кога воопшто не работевме. Одложувањето на обврските значи продолжување на агонијата – вели Драган Живиќ, претседател на здруженијата на фризери и козметичари ПКС.
По укинувањето на вонредната состојба, работата во фризерниците забележа пораст, но во летните месеци значително се намали побарувачката за нивните услуги. Главната причина е тоа што граѓаните се уплашени, од нагласувањето на информациите дека фризерниците се место каде што постои ризик да се заразат. Некои од постојаните муштерии бараат само да им се донесе бојата за коса на домашна адреса и сами да се „бојадисуваат“, велат сопствениците на големите салони во Белград.

Воведувањето на строгите протоколи за организирање свадбени веселби предизвика големи реакции кај младите брачни двојки во Хрватска. Членовите на Националниот штаб за цивилна заштита во Хрватска беа изложени на силни критики на социјалните мрежи, што беше и причина да се воведат некои олеснувања при венчавките и свадбените прослави. Со свои реакции се јавија и музичарите и пејачите, кои бараа да им се овозможи слободно да работат.