„Комерсант“: Белград го коригира погледот за НАТО-бомбардирањето

523

Првпат по бомбардирањето на Југославија во 1999 година, највисокото раководство на Србија го коригира својот поглед кон настаните од пред 20 години, оценува московскиот весник „Комерсант“.

– Ако Белград порано ја осудуваше агресијата на НАТО, овој пат претседателот Александар Вучиќ се заложи Србија да ѝ прости на Алијансата за бомбардирањето, иако тоа не го заборава – пишува весникот во текстот под наслов „Да се прости, но да не се заборави“, пренесува Бета.

Весникот напоменува дека извинувањето од НАТО е подготвено да го прифатат третина Срби, а опозицијата што протестира четири месеци го обвинува српскиот претседател за предавање на националните интереси и продажба на Косово.
„Комерсант“ наведува дека Белград сите претходни години бомбардирањето го сметаше како неоснована агресија, а слична квалификација во оцените на српското раководство има и денес, но дека „се појавиле нови нијанси“.

Формулата што ја предложи Вучиќ целосно се совпаѓа со позицијата што ја изложи генералниот секретар на НАТО спроти годишнината од бомбардирањето.

Претседателот на Србија направи еден помирлив гест и во последен момент ја одложи планираната воена парада во Ниш од 24 март за 9 мај, додава весникот.

– Помирливите гестови на претседателот Вучиќ спроти годишнината од бомбардирањето на Југославија тешко може да се оценат како апсолутно неочекувани. Без разлика на прокламирањето и зачувувањето на воената неутралност и неподготвеност да се влезе во Алијансата, Белград активно и продуктивно соработува со неа – заклучува „Комерсант“.

Весникот наведува дека Србија, која „Русија ја смета за клучен партнер на Балканот“ презеде низа „значајни“ чекори кон НАТО, со потпишување повеќе спогодби.